Македонија
Ковачевски-Мицотакис: Економските релации меѓу двете земи зајакнуваат и во време на криза
За време на работната посета на Грција по повод учеството на Економскиот форум „Делфи“, премиерот Димитар Ковачевски оствари билатерална средба со грчкиот колега Киријакос Мицотакис.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и директорката на УЈП Сања Лукаревска, премиерите на двете земји разговараа за посветеноста, за целосна и непречена имплементација на обврските на двете страни утврдени во Договорот од Преспа.
Ковачевски на средбата со Мицотакис нагласи дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво потврдено и со членството на Северна Македонија во НАТО.
„Економската соработка помеѓу двете земји традиционално е на високо ниво, a соработката има потенцијал и понатаму да се развива и се поттикнува со континуираниот политички дијалог на највисоко ниво и со градење на довербата во интерес на двете земји“, рече Ковачевски.
На средбата стана збор за постигнување договор за олеснувања во доменот на даночните политики, и дополнително беше констатирано дека градењето на цврсти економски односи и унапредување на билатералната соработка е важно, особено во услови на светска криза.
За време на разговорот двајцата премиери уште еднаш ја потенцираа важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал, ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји.
Од Владата посочуваат дека заедничките енергетски проекти се од значење за Република Северна Македонија како нови извори за снабдување со гас како поеколошки и поевтин енергенс, како и од можноста да стане регионален центар за понатамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот.
На средбата беше разговарано и дека во периодот кој следи ќе продолжат со интензивна меѓусебна комуникација за унапредување на економските односи помеѓу двете пријателски земји, а со крајна цел обезбедување на побрзa и одржлива соработка за економски раст.
Тема на средбата беше светската криза предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина и за потребата од заедничка соработка за ублажување на последиците од растот на цените на енергенсите за граѓаните и стопанството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ковачки: Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција
Драган Ковачки, носител на изборна единица 3 на ВМРО-ДПМНЕ, денеска меѓудругото вети дека ќе бидат вратени во функција сите железнички линии.
„Ќе ги вратиме сите железнички линии во функција, ќе ја реконструираме пругата Велес-Кочани, ќе ја електрифицираме пругата Велес-Битола, ќе го реконструираме автопатот Катланово-Велес, ќе изградиме нова катна гаража во Велес, ќе ја реконструираме општата болница во Велес. Нови 26 милиони евра од проектот 250 милиони евра за општините“, изјави Ковачки.
Македонски железници месецов прослави 151 година од своето постоење. Јавното претпријатие е во лоша состојба, а укинати се голем број возови.
Од неодамна, од двата патнички воза за Гевгелија вози само еден. Од 2021-ва не сообраќаат возовите од Скопје за Кочани и за Кичево, а од почетокот на 2023 ниту возот за Табановце и Куманово.
Патниците го избегнуваат возот оти кога се качуваат не се знае кога и дали ќе стигнат. Честопати има дефекти и доцнење од по неколку часа, па граѓаните не сакаат да ризикуваат.
Ова јавно претпријатие е загубар кој со години се соочува со финансиски потешкотии и постојано добива прилив од буџетот за да може да подели плати и да плати сметки.
Македонија
„Вејце ниту се простува, ниту се заборава“ – Македонците паметат! Горат социјалните мрежи на годишнината од крвавиот масакр
Социјалните мрежи се преплавени со објави по повод 23-годишнината од масакрот кај Вејце, откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Ова се само дел од објавите на ФБ.
Македонија
23 години од масакрот кај Вејце кога беа ѕверски убиени, а потоа запалени 8 македонски херои: Стојанче Ангелов положи цвеќе и запали свеќи
Денеска се одбележуваат 23 години од масакрот кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија.
Масакрот се случи на денешен ден, 28 април 2001 година, во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имало и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа, војниците и полицајците давале получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија!
Делегација на Достоинство утрово положи букет свежо цвеќе и запали осум свеќи во чест и помен на осумтемина загинати бранители убиени во крвавата заседа кај с.Вејце. Фотографии објави генералот Стојанче Ангелов.