Македонија
„Помислете на нас“ – Во Скопје се одржа мировен марш на средношколци
Денес во Скопје се одржа Мировен марш под мотото “Помислете на нас за промена”.
Маршот започна со собир пред Собранието на Република Северна Македонија, и продолжи со мирно движење низ центарот на градот, се до Владата на Република Северна Македонија.
На маршот земаа учество средношколци од повеќе средни училишта во Скопје, дополнително поддржани од нивни професори и родители.
На маршот доминираше белата боја – бојата на мирот, а учесниците носеа транспаренти со мировни пораки.

Иницијативата за овој мировен марш, како што информираат организаторите произлегла од средношколци, во рамките на проект за свесноста и делувањето во граѓанскиот сервис. Идејата добила поддршка и од членови на Сојузот на средношколска младина на Македонија.
„Основната цел на овој марш, е да се крене свесноста на младите луѓе во Македонија за тоа дека е потребно токму тие, младите, да бидат активни учесници во својата земја и светот, и гласно да ги изразат своите ставови и мислења против сите војни во целиот свет. Нивната единствена желба е да им се овозможи своите потенцијали и креативна моќ да ги реализираат во мир. Целта на младите е оваа порака да стигне што пошироко, и конечно политичарите да помислат на нив и нивната иднина“, соопштија организаторите.
„На маршот беше одржан и пригоден говор, на кој покрај основната порака, беше гордо спомената и нашата сограѓанка, добитничка на Нобеловата награда за мир, која во една прилика рекла: “Ако немаме мир, тоа е затоа што сме заборавиле дека припаѓаме едни на други”. И токму заради таа припадност кон сите други народи во светот, на крајот на маршот, проследено со песната на Џон Ленон (Да му дадеме шанса на мирот), симболично во воздухот беа пуштени бели балони, за сите седум континенти на светот и сите земји членки на Обединетите нации“, информираа тие
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

