Европа
Силуанов: Ако Западот ја ограничи Русија да го плати долгот, таа ќе преземе правни мерки

Рускиот министер за финансии, Антон Силуанов, денеска изјави дека Русија ќе преземе правни мерки доколку Западот се обиде да ја ограничи во напорите за отплата на надворешниот долг. Тоа го изјави за прокремљскиот весник „Известија“.
„Секако дека ќе тужиме бидејќи ги презедовме сите неопходни чекори инвеститорите да ги добијат исплатите“, рече Силуанов.
Тој нагласи дека Русија ќе го претстави својот случај на суд. Гледа како ќе ги потврди напорите за плаќање на долгот во девизи, но и во рубли.
Тој вели дека ова нема да биде лесен процес, но дека Русија ќе продолжи активно да ги докажува своите права за повеќевалутни плаќања и покрај сите тешкотии.
Тој додаде дека девизните сметки на Русија се блокирани и дека не се извршени плаќања што биле наменети за пресметка на исплатите на сопствениците на обврзници. Инаку, Русија се соочува со првиот случај на неплаќање странски обврски по повеќе од еден век.
„И во такви услови достасаните долгови ги исплативме во рубли кон сопствениците на еврообврзници, кои се руски резиденти“, посочи министерот Силуанов.
На почетокот на оваа недела таа направи договори за отплата на меѓународните обврзници во рубли иако исплатата требаше да се достаса во американски долари.
Сето ова придонесува Русија да не може да ги плати долговите.
На финансискиот пазар Русија се соочува со проблеми со трансакциите и плаќањата на странските доставувачи, како и со плаќањата на пазарот на обврзници поради санкциите што ѝ ги воведе Западот по инвазијата на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Стармер: Русија ја започна војната и Русија стои на патот на мирот

Британскиот премиер Кир Стармер изјави во Киев дека дојде моментот за мировен договор – но дека единствената пречка за тоа е Кремљ.
„Сите знаеме дека само една земја ја започна оваа војна и само една земја го блокира нејзиното мирно решавање денес – а тоа е Русија“, рече Стармер.
Тој додаде дека предлогот за 30-дневен прекин на огнот сега е официјално на маса. „Володимир го поднесе овој предлог пред два месеци, Емануел и јас интензивно работевме на тоа, а сега се придружија повеќе европски земји и САД. Постои јасно единство“, рече тој.
„Ова е пресвртница. Сите што сакаат мир сега се обединуваат. А оние што го одбиваат – ќе бидат разоткриени.“
Европа
Макрон: Околу 20 земји едногласно го поддржуваат предлогот за прекин на огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека постои единство меѓу околу дваесетина земји околу предлогот за 30-дневен прекин на огнот.
На прашањето дали се разговара за испраќање европски војници во Украина, тој одговори дека таквите теми се во надлежност на воените команди и дека разговорите веќе се започнати и ќе продолжат.
Тој потсети дека рускиот портпарол Дмитриј Песков претходно изјави дека прекин на огнот може да се разгледа само ако Западот престане да испраќа оружје во Украина.
„Чекаме руски одговор. Топката сега е на нивен терен“, рече Макрон.
Европа
Туск: Чекаме да видиме како ќе реагира Русија

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека одлуката за прогласување примирје од Киев е симболична, бидејќи станува збор за град кој претрпел бројни бомбардирања. „Одлуката за безусловно примирје беше донесена тука во Киев, што има посебна тежина со оглед на сè низ што помина овој град“, рече Туск.
Тој нагласи дека сега ќе се чека рускиот одговор. „Доколку Москва го отфрли овој предлог, ќе биде јасно кој е навистина посветен на мирот, а кој не“, додаде тој.
На прашањето на новинар колку брзо таканаречените „коалиции на добронамерните“ во земјата би можеле да воведат нови санкции доколку Русија го отфрли примирјето, Туск одговори дека постојните мерки веќе даваат резултати.
„Доколку немаше санкции, ситуацијата денес ќе беше многу полоша. Русија нетрпеливо чека нивно укинување – и тоа ви кажува сè“, рече тој.