Македонија
(Видео) Шкриељ: Наставниците да се водат од интересите на децата, ВМРО-ДПМНЕ да престане со партизација на штрајкот
Јасна е потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците, но најдобриот интерес на учениците е и треба да продолжи да биде врвен приоритет, особено сега дури и во услови на ковид-пандемија кога се обезбеди континуитет во наставата, изјави пратеничката од редовите на СДСМ, Санела Шкриељ.
Додава дека правото на образование е уставно загарантирано право на секое дете. Ги повика наставниците интересот на децата да го стават на прво место.
„Голем број родители денеска се обидуваат да се организираат за денешниот ден заедно со своите деца поради штрајкот на наставниците. Би напоменала дека Владата предводена од СДСМ и коалициските партнери секогаш имале и имаат слух за образовниот кадар и за воспитувачите. Во образованието со методолошки пристап во изминатите 3 години во три наврати СДСМ ги зголеми личните приходи на наставниците повеќе од 21 %. Платите на вработените во градинките се зголемија повеќе од 21 % што во просек значи покачување од 4.300 денари за негувателките до 5.700 денари за воспитувачките, што е историски најголемо покачување досега за овој кадар“, вели пратеничката од СДСМ.
„Во исто време опозициската ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокира законот за наставници и стручни соработници, кој обезбедува, меѓу другото, и поголеми плати. Бараме од ВМРO-ДПМНЕ да прекине со политизација на штрајкот на СОНК, тоа е на штета на наставниците и на учениците. Tаа e последната партија што може да зборува нешто за образование или плати на наставници“, посочува Шкијељ.
Убедена е, како што вели, дека решенијата се возможни само преку социјален дијалог на синдикатите и надлежните институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

