Црна хроника
Повреденото дете во критична состојба, повредена и германска државјанка во несреќата кај Удово
Седумгодишното дете, чии родители загинаа, a кое беше повредено во сообраќајната несреќа што се случи утринава кај Удово е во критична состојба, а во несреќата тешко повредена е и германска државјaнка, сопатничка во трето возило коешто учествувало во сообраќајката.
Според информациите од Oсновнoто јавно обвинителство Гевгелија, несреќата се случила на магистралниот пат Демир Капија – Удово, кај месноста Света Петка кога се судриле автомобил марка „ауди А4“ со германски регистерски таблици, управуван од четириесет и шестгодишен српски државјанин, автобус на „Струмица експрес“ и автомобил „фиат сеиченто“ со скопски регистерски таблици упавуван од четириесет и едногодишен скопјанец.Во сообраќајката загинаа возачот на „фиатот“ и неговата триесет и двегодишна сопруга, додека нивниот син е повреден и во критична состојба е пренесен на скопските клиники.Повредена е и сопатничката во „аудито“, германска државјанка, која со потешки повреди е задржана во Општата болница во Велес. Се работи на утврдување на околностите под кои се случила сообраќајната несреќа. „Возачот на „аудито“, државјанин на Србија, е задржан. Надлежен јавен обвинител веднаш издаде наредба за обдукција на телата на починатите лица, како и наредба за технички преглед на автомобилот „ауди“ и на автобусот. Истовремено, земени се примероци од крв и урина на возачите, кои се ќе анализираат. Дополнително, се вршат разговори со сите инволвирани, со патниците од автобусот, како и со возачи-очевидци на сообраќајната несреќа“, соопштуваат од Обвинителството./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

