Економија
Инфлацијата во март достигна годишна стапка од 8,8 отсто
На 12 април 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите движења на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше одлучено да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., пред сѐ, како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период. При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајничките записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари.
Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 %. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. Ним им отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен инпут кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период.
Имајќи ја предвид стратегијата на стабилен курс на денарот, при носење на монетарните одлуки се земаат предвид и состојбите на девизниот пазар и нивното влијание врз девизните резерви. По иницијалниот притисок на девизниот пазар, кој вообичаено се случува во сите кризи, а кој во голема мера беше поттикнат од неоснованите шпекулации за курсот, притисоците постепено се намалуваат и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, а понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата.
Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона. Со оглед на високото ниво на девизни резерви во преткризниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата, тековно девизните резерви остануваат на високо ниво во согласност со сите меѓународни стандарди.
Во однос на движењата во реалната економија, во 2021 година беше остварен реален економски раст од 4 %, што е во рамките на очекувањата од октомвриската проекција (3,9 %). Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари – февруари 2022 година даваат мешани сигнали, со подобри остварувања во индустријата, натамошно намалување на активноста во градежништвото и реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, но со поумерена динамика. Воената ескалација помеѓу Русија и Украина од крајот на февруари, која има неповолни ефекти врз глобалната економија и дополнително ги влоши веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија, а влијае и врз довербата на економските субјекти, неповолно влијае на економските изгледи и за домашната економија.
Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според прелиминарните податоци за март 2022 година, годишниот раст на кредитите и натаму е солиден и е над проектираниот за првиот квартал на 2022 година во согласност со октомвриската проекција при нешто поумерен раст кај депозитите од проектираниот.
Зголемените геополитички тензии и високите инфлациски притисоци во глобални рамки креираа дополнителни неизвесности и ризици на меѓународните финансиските пазари, кои влијаеа врз расположението на инвеститорите. Во март се зголеми одбивноста кон преземање ризик поради влошување на финансиските услови и вградените очекувања за постепена нормализација на монетарните политики од страна на централните банки. Ваквите движења се пренесоа и кај цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната, чии остварувања беа одредени и од најавеното побрзо намалување на откупот на хартии од вредност на состанокот на ЕЦБ. Зголемените очекувања за побрзо затегнување на политиката на ФЕД во услови на поволни остварувања на пазарот на труд и солидна економска активност го поттикнаа растот на берзанските индекси и намалување на цените на државните обврзници во САД.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, при сѐ уште неизвесен тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19, налагаат натамошно внимателно следење на состојбите. Народната банка ќе продолжи со реоценување на поставеноста на монетарната политика на редовна основа имајќи ги предвид најновите информации од надворешното опкружување и домашната економија. Во тек е изработката на новиот циклус на макроекономски проекции, во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на макроекономската слика и на поставеноста на монетарната политика. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира со целиот свој расположлив инструментариум за задржување на ценовната и макроекономската стабилност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Дурмиши во Берлин: Северна Македонија нуди нови можности за странски инвестиции
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско–македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.
„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој,“ истакна министерот Дурмиши.
Тој подвлече и дека Германија останува еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, додавајќи дека заедничката визија е да се зајакнат деловните врски, да се поттикнат модерни инвестиции и да се создадат нови можности за економски раст.
Министерот им се заблагодари на организаторите и деловната заедница во Германија за континуираната поддршка, оценувајќи дека ваквите настани се важна платформа за градење доверба и нови партнерства.
Настанот продолжи со динамична панел-дискусија во која учесниците разменуваа искуства и предлози за унапредување на инвестициската клима и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На отворањето се обратија Гафар Вејсели, претседател на DNMBC, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села. Панелот обедини значајни имиња од економскиот и институционалниот сектор, меѓу кои и директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, поранешната гувернерка на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска, претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и германската делегација за индустрија за регионот.
Економија
Вицепремиерите Стоилковиќ и Месаровиќ со заедничка посета на македонски компании во пресрет на утрешниот бизнис форум
Во пресрет на утрешниот македонско–српски бизнис форум, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ, остварија заедничка посета на две успешни македонски компании – „Пекабеско“ и винаријата „Камник“.
Посетата, која се одржа со цел продлабочување на економската соработка и поддршка на бизнис-заедницата, претставува вовед во големиот македонско–српски бизнис форум што ќе се одржи утре во Скопје.
За време на посетата беа споделени информации за тековните производствени процеси, извозниот потенцијал и можностите за проширување на пласманот на регионалните пазари. Двајцата високи претставници истакнаа дека ваквите компании се пример за успешни деловни модели кои можат да придонесат за економско поврзување и зголемена конкурентност на целиот регион.
Во контекст на претстојниот форум, Стоилковиќ и Месаровиќ порачаа дека економската соработка меѓу двете земји е на постојан подем и дека постои јасна волја за нејзино дополнително унапредување.
Македонско–српскиот бизнис форум во Скопје на едно место ќе ги собере водечките компании, институции и инвеститори од двете земји, со цел создавање нови деловни можности и зајакнување на економските врски.
Пред почетокот на бизнис форумот Стоилковиќ и Месаровиќ ќе потпишат и Меморандум за разбирање за соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Србија.
Економија
Николоски: Вложуваме во модерни автопати да ја подигнеме безбедноста и да ги намалиме сообраќајните незгоди
Инвестираме огромни средства во изградба на модерни и безбедни автопати преку кои го подигнуваме нивото на безбедност во сообраќајот. Интензивно работиме на автопатите на коридор 8 и на коридор 10 д, а очекувам овој месец да избереме изведувач и за изградба на автопатот Кичево -Букојчани, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Тој потенцира дека е потребна координирана акција со МВР и другите надлежни институции со цел намалување на жртвите во сообраќајот, но најавжно е менување на свеста кај граѓаните за почитување на законите.
„Мора сите заеднички да работиме да се подобри црната статистика. Во соработка со МВР ќе работиме активно во следниот период на намалување на жртвите на патиштата. Пред се, многу значајно е да се изгради модерна инфраструктура во што многу вложуваме и таа да е добро испланирана. Најбезбедни се автопатиштата и тука многу вложуваме во изградба на автопати. Ја завршуваме изградбата на автопатот Кичево-Охрид, изградбата на автопатот Кичево -Букојчани за кој што очекувам да изберме Изведувач во овој месец. Понатаму интензивно се гради Букојчани – Гостивар или популарната Стража која се заобиколува, понатаму се гради Тетово-Гостивар кој што сите велевме дека е автопат а всушност е експресен пат. Работиме и на Прилеп-Битола како нов автопат, а веќе наоѓаме решенија и делот кој оди од Прилеп до Фариш, така да ова е голема активност која ја имаме и сериозно ќе придонесе во подобрување на безбедноста во сообраќајот. Секако тука се и магистралните и регионални патишта, тука се патиштата и во рамки на општините и затоа потребна е координирана активност која меѓуресорски и инстиуционално ја работиме со цел овие бројки да се подобруваат и најважно од се е да ја менуваме културата да се почитуваат правилата и законите”- изјави Николоски.

