Економија
Ковачевски: Фокусот на Владата е раст на економијата, енергетска транзиција и одржливо земјоделство
Премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на економскиот форум во организација на Finance Think зборуваше за актуелната состојба во земјата предизвикана од глобалните промени што се случуваат, за состојбата на буџетот, реализацијата на структурните економски реформи и приоритетите на Владата за ублажување на ефектите од ценовниот шок и одржување на ликвидноста на компаниите.
Во разговорот со Благица Петрески, извршна директорка на Finance Think, премиерот Ковачевски истакна дека целта на Владата во услови на најголемата глобална криза по Втората светска војна е да го ублажи ценовниот шок, да се задржи ликвидноста на компаниите, да ги одржи буџетот и јавниот долг стабилни, да се остваруваат обврските на државата во поглед на редовна исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, како и да се преземат мерки за економски раст и нови инвестиции и во време на криза.
„Оваа Влада подготвено ги дочека глобалните потреси и навремено реагиравме со ефикасни антикризни мерки, дополнително планираме и на среден и на долг рок. Она што си го зададовме како цел уште во 2021 година, знаејќи дека 2022 година ќе биде година на енергетска криза, беше заштита на животниот стандард на граѓаните од енергетската и економска криза, економски раст и зголемување на капиталните инвестиции“, истакна премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека првиот приоритет се однесува на задржување на животниот стандард на оние што се најранливи и задржување на ликвидноста на компаниите, вториот се однесува на продолжување на програмите за раст на производството, на извозот, на раст на стопанската активност во државата и третото на зголемување на бруто-инвестициите, и тоа и на инвестициите што се доминантни од државниот буџет, меѓутоа и на приватните инвестиции како генератор на економскиот раст на државата на среден рок.
Во однос на првата цел, посочи Ковачевски, уште во 2021 година беа донесени мерките за намалување на ДДВ на електричната енергија, а при конципирањето на буџетот за 2022 година беа определени резерви од 132 милиона евра во буџетот, со цел да може да се одржува ликвидноста на електроенергетскиот систем во државата и да не се дозволи ценовен шок за граѓаните.
„Според Стратегија за енергетската транзиција, ние веќе имаме јасна слика каде ќе се движи нашето производство на електрична енергија. Пред 10 дена ја пуштивме првата фотоволтаична централа на старите наоѓалишта на јаглен во ‘Осломеј’, 10 мегавати како државна инвестиција, помогната од ЕБОР. На истиот локалитет веќе се планирани и ќе почнат со градба уште две фотоволтаични централи од 50 мегавати, кои ќе бидат изработени врз основа на концептот на јавно-приватно партнерство со компании од Турција и Бугарија и уште една од 10 мегавати, која ќе биде во сопственост на ЕСМ. Северна Македонија практично ќе замени 120 мегавати работа на јаглен со 120 мегавати моќност на фотоволтаични централи од обновливи извори на енергија и тоа е прв пример во Југоисточна Европа“, нагласи Ковачевски и додаде дека големи се очекувањата и од проектот ХЕЦ „Чебрен“, кој се наоѓа во втората фаза, во која треба да се избере изведувач од деветте понудувачи, кои се квалификуваа во првата фаза.
На прашање на организаторите премиерот Ковачевски се осврна и на актуелниот миг во производството на храна и субвенциите во земјоделството и потенцира дека во изминатите пет години има инвестиции околу 650 милиони евра.
„Оваа криза нѐ научи дека мора да се инвестира стратешки. Затоа веќе е направен нов интервентен план, кој вклучува инвестирање во пченката, пченицата, јачменот и сончогледот, потоа во полјоделството, сточарството и овоштарството како извозни гранки на нашето земјоделство. Исто така, во однос на субвенциите воведуваме неколку новини, а тоа е, прво, воведување авансни износи на субвенции, и тоа ќе почнеме оваа година со овоштарството, што значи дека субвенциите ќе бидат исплатени 30 % пред да почне сезоната, тогаш кога најмногу им треба средства на земјоделците за да може да инвестираат, а 70 % потоа според планот за исплата на субвенциите. Второ, ќе бидат зголемени субвенциите за засадување пченица, пченка, сончоглед и тоа ќе бидат на историски највисоко ниво“, потенцира претседателот на Владата, Ковачевски, на дебатата во организација на Finance Think.
Премиерот Ковачевски на трибината истакна дека и во овие услови на изразена економска криза континуитетот на трендот на раст на просечната и на минималната плата е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата. Во јануари 2022 година исплатената нето-плата од вработен изнесува 29.980 денари. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а пензиите доживеаја историски највисок раст. Со новите методологии што Владата ги утврди и за платите и за пензиите, тие ќе продолжат континуирано да растат, рече Ковачевски и додаде дека во моментот имаме најниска стапка на невработеност во државата од 15,2 %.
„Сите досегашни зголемувања и на пензиите и на минималната плата се остварија преку дијалог, во кој учествуваа сите синдикати, и репрезентативниот, но на мое инсистирање присуствуваа и нерепрезентативните синдикати, и со сите нив разговаравме дека зголемувањето на платите треба да се направи преку процес на реформи. Разговараме за три аспекти – едниот е зголемување, нормално во согласност со растот на животниот стандард, во согласност со растот на минималната плата и во согласност со инфлацијата“, истакна Ковачевски.
Во однос на одржливоста на буџетот, рече претседателот на Владата, тој е креиран во согласност со стапките за раст што беа планирани во 2021 година за 2022 и од кој некаде околу 615 милиони евра се инвестирани за поддршка на мерките за директни издатоци за најранливите категории граѓани, за поддршка на компаниите и за одржување на ликвидноста на енергетскиот сектор.
„Она што е најважно е дека буџетот е ликвиден, дека фискалната политика е координирана на неделно ниво со монетарната политика, со Министерството за финансии, со гувернерката на Народната банка на Северна Македонија – НБРМ, сѐ со цел и финансиската политика да биде одржлива, а монетарната политика да биде прудентна во однос на сите економски движења во државата. Сите исплати во буџетот се одвиваат непречено, без никакви застои, пензиите и другите основни обврски што ги има буџетот се исплаќаат и предвремено“, потенцира премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на економски форум во организација на Finance Think.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата, бизнисот и синдикатите во координирана акција за намалување на сивата економија
Владата, бизнис заедницата, синдикатите и академската заедница денеска на Годишна конференција на тема „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ упатија порака за заедничка борба во намалување на сивата економија. Конференцијата се одржа во организација на Владата на РС Македонија/Министерството за финансии, заедно со Организацијата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација на трудот – МОТ и Економскиот факултет – Скопје.
На официјалното отворање на Конференцијата се обратија претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Мијалче Санта, националниот координатор на Меѓународната организација на трудот за РС Македонија, Емил Крстановски и постојаниот претставник на УНДП во РС Македонија Армен Григоријан.
„Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Но, да бидеме искрени оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска. Затоа работиме на: дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци, намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија, како и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите“, истакна премиерот во воведното обраќање и додаде дека стратегијата на Владата се темели на три принципи, а тоа е поедноставување, правичност и поддршка.
Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска порача дека Владата со системски и одлучен пристап преку адресирање на нелојалната конкуренција создавање фер и транспарентни услови за работа ќе работи на формализација на неформалната економија.
„Нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции“, истакна министерката.
Министерот за економија Бесар Дурмиши наведе дека намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија.
„Работата во неформалната економија често значи небезбедни услови, долги работни часови, недефинирани работни односи и отсуство на социјална и правна заштита. Непријавените работници се лишени од основните права што произлегуваат од работниот однос, додека компаниите што работат легално се ставаат во понеповолна позиција. Затоа, намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија. Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување. Но, анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, оваа година се издвоени 40 милиони евра за новиот Оперативен план за вработување, со мерки што директно ќе придонесат за формализација и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија основна цел е формализација на одредени форми на работа и одговор на реалните потреби на пазарот на труд. Од 1 јануари 2026 година започнува примената и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој стимулира компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст“, посочи Дурмиши.
Деканот на Економски факултет – Скопје при УКИМ, Мијалче Санта рече дека борбата против неформалната економија е долгорочен процес. „Таа, посочи, бара стабилни институции, предвидлива регулаторна рамка, стимули за формализација и постојан дијалог меѓу државата, бизнисите, работниците и експертската јавност. Економскиот факултет – Скопје ќе продолжи да биде сигурен партнер во овој процес преку истражување, анализа, едукација и јавна дебата. Нашата мисија е да придонесуваме кон креирање политики засновани на знаење и факти, во интерес на одржлив економски и национален развој. Доколку сакаме пониска неформална економија, мора да градиме посилна, поправедна и поконкурентна формална економија – економија во која правилата се јасни, институциите се ефикасни, а довербата е заедничка вредност“, рече деканот на Економскиот факултет.
Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски истакна дека формализацијата на неформалната економија, од перспектива на МОТ, е клучна за унапредување на достоинствената работа, социјалната правда и инклузивниот економски раст.
„Неформалноста често значи отсуство на работнички права, социјална заштита и безбедни и здрави услови за работа, а воедно ја поткопува продуктивноста, јавните приходи и фер конкуренцијата. Преку промовирање на избалансиран пристап, кој комбинира поддржувачки мерки за претпријатијата, посилна заштита на трудот, социјален дијалог и ефективно, но правично спроведување, формализацијата помага работниците да уживаат сигурност и права, бизнисите да се натпреваруваат на рамноправна основа, а Владата да го прошири опфатот на социјалната заштита и одржливиот развој“, рече Крстановски.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП Армен Григоријан рече дека преку проектот „Поддршка на реформите во јавните финансии“ финансиран од Министерството за финансии на Словачката Република, изграден е софистициран систем кој јасно ги согледува вистинските размери на неформалната економија.
„Со опремување на ревизорите со нови аналитички алатки, овозможивме секоја фискална препорака да биде поткрепена со прецизни податоци. Покрај ова, придонесовме и за синхронизација на националните стратегии и воведување на дигитални алатки за мониторинг во реално време, со што помогнавме одлуките и решенијата што ќе се носат да бидат засновани на факти“, рече постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Во рамки на Конференцијата беше потпишана „Декларација за партнерство и акција: Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“. Потписници беа претставници на клучни министерства во формализација на неформалната економиија, претставници на стопански комори, организации на работодавачи, синдикати, како и претставници на академската заедница.
Во панел дискусии на Конференцијата учесниците дебатираа за креирање политики за ефикасен процес на формализација на неформалната економија и на тема „Како до пазар на труд, деловно и институционално окружување што ги поттикнува граѓаните, работниците и бизнисите да функционираат во формалниот сектор“. Од страна на професорите Борче Треновски и Биљана Ташевска од Економскиот факултет при УКИМ, беше одржана презентација на тема „Детерминанти и ефекти од неформалната економија – со посебен осврт на Република Северна Македонија“.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“

