Македонија
Обвинителот се жали за казната за сообраќајната несреќа кај „Сити мол“
Надлежниот јавен обвинител од скопското Јавно обвинителство, незадоволен од висината на изречената кривична санкција, денеска вложи жалба за сообраќајната несреќа, која се случи на 20 јануари кај „Сити мол“, кога животот го загуби едно лице.
Имено, со пресудата врз основа на признание на вина, на 11 април Основниот кривичен суд го огласи за виновен обвинетиот Ј. Ѓ. за кривичното дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Притоа судот го осуди на казна затвор од три години, во која се засметува и времето поминато во притвор и му изрече казна – забрана за управување со моторно возило од Б-категорија во траење од три години од денот на правосилност на пресудата.
Обвинетиот беше огласен за виновен за наведеното кривично дело бидејќи на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило „ситроен Ц4“ на булеварот Партизански одреди. Кога дошол до крстосницата со улиците Московска и Љубљанска, каде што светлосните сообраќајни знаци – семафорите во тој момент биле исклучени од програма и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен, не обрнал внимание на пешаците на коловозот.
Спротивно и на членот 35 од Законот, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба.
Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци, кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Еден од пешаците, девојка на возраст од 24 години, притоа добила тешки телесни повреди и починала на самото место, а другиот пешак бил повреден и пренесен во болница.
При одредувањето на казната судот како олеснителни околности ги ценел признанието вина од страна на обвинетиот, изразеното каење и свест за противправноста на стореното, како и фактот дека станува збор за млада личност, која претходно не била во судир со законот. Сепак, надлежниот јавен обвинител цени дека во конкретниот предмет првостепениот суд во поголема мера ги ценел олеснителните околности на сметка на отежителните – начинот на сторување на делото, зачестеноста на овој вид кривични дела и особено фактот дека во несреќата е изгубен млад човечки живот. Дополнително, јавниот обвинител наведува дека оштетените со ништо не придонеле за да се случи сообраќајната несреќа и прописно ја поминувале улицата на обележан пешачки премин.
„Анализирајќи ја обжалената пресуда, сметам дека судот не ја одмерил адекватно казната бидејќи ги применил одредбите за ублажување на казната, иако не постоеле законски услови за тоа“, наведува надлежниот обвинител во образложението на жалбата до Апелациониот суд во Скопје.
Јавниот обвинител смета дека со висината на изречената казна од првостепениот суд нема да се постигнат целите на казнувањето на планот на генералната и на специјалната превенција на овој вид кривични дела.
Исто така, во жалбата се наведува дека и висината на изречената споредна казна – забрана за управување со моторно возило од Б-категорија исто така е незадоволителна. Имајќи ги предвид околностите под кои е сторено делото и тешките последици, таа забрана треба да трае 5 години, колку што максимално дозволува материјалниот закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.

