Македонија
Kамчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец
Орце Камчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец, третоосуден во случајот „Рекет“. Ова го констатира судијата Андреј Димовски на денешното рочиште во Граѓанскиот суд, каде што Орце Камчев бараше еден милион да му исплатат Бојан Јовановски-Боки 13, Катица Јанева и Кичеец, како и државата. Судијата Димовски констатира дека тужбата против Кичеец е повлечена за надоместок на над 92 милиона.
„Ценејќи дека во текот на постапката поднесе поднесок за повлекување на тужбата против Зоран Милески од Скопје, судот донесе решение: се констатира повлекување на тужбата на тужителот Јордан Камчев против третотужениот“, посочи судијата.
Адвокатот Медарски се согласи со повлекувањето на тужбата. Ова следува кога на првото рочиште Камчев преку адвокат рече дека нема да бара враќање на дел од милионот.
„Согласни сме со откажувањето на тужбеното барање кон третотужениот“, рече Медарски.
Лазар Јанев, адвокат на ексспецијалната обвинителка Катица Јанева, рече дека Орце Камчев се обидува да повторува иста лага за да стане вистина.
„Во недостиг на правна основа на ова тужбено барање, тужителот се обидува во повеќе наврати да ни повтори една иста лага сѐ со цел таа да стане вистина и затоа бараме судот да има предвид дека полномошникот на тужителот и во тужбата и во одговорот на тужбата и во претходно доставените барања, со доставување на пресудата на Кривичниот суд, всушност сака само да го сврти вниманието во погрешна насока, а не во насока на одредбите во Законот за облигационите односи и Законот за спречување на корупцијата“, рече Јанев.
Адвокатот Александар Михајловски на рочиштето раскажуваше како според бизнисменот Орце Камчев биле земени парите од Бојан Јовановски и Катица Јанева.
„Тужената Катица Јанева во таканареченото СЈО на 13.10. 2018 година одржала прес-конференција 16 месеци по поминатиот законски рок за поведување истраги во согласност со посебниот закон, а на која објавува дека се почнати истраги по три предмети – ‘Империја’, ‘Базни станици’ и ‘Поштенска банка’. Прес-конференцијата е 16 месеци по изминување на рокот за поведување истраги. Сите предмети немале допирна точка со предметот на работа на СЈО од причина што предмет биле незаконски прислушувани материјали предадени од тогашниот лидер на опозицијата, а за кое било формирано СЈО. Но, во сите предмети осомничени биле познати македонски стопанственици. По објавата на оваа прес-конференција и највата за водење на тие истраги, на сцена стапил тужениот Бојан Јовановски, кој од пресудата што ја цитирав (‘Рекет’) бил во блиски релации со тужената Катица Јанева и со самата пресуда е утврдено влијание што го имал врз тужената Катица Јанева, и пристапил кон сите овие стопанственици со понуди за разни видови соработки. Пред сѐ, да платат реклами во тогашната телевизија ‘1ТВ’, како и да финансираат наводни проекти. Очигледна била спрегата помеѓу тужената Катица Јанева и тужениот Бојан Јовановски да се отворат предмети против стопанственици за да може да бидат изнудувани средства. Во пресудата ќе видите искази на сведоци на кој начин биле изнудувани средства. Така, од тужителот на повеќе средби биле изнудувани пари – прво да плати реклами во тогашната ‘1TВ’, да финансира изградба на шопинг-молови, да финансира изградба на старски домови. Кога тужителот ги одбил сите овие понуди, настапува второтужената Катица Јанева со јавно објавување на предметот и изрекување мерка притвор. По сите притисоци, се потврдува мерката за тоа кој ги држи конците, кој ја контролира ситуацијата и на кој начин да ја прифати изнудата“, рече Михајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

