Култура
„Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ – улична уметност и музика на отворено денеска во Скопје

Денеска, ќе се одржи првиот промотивен настан на заедничката кампања на Европската Унија и Советот на Европа, „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, која се фокусира на борбата против говор на омраза.
Настанот ќе биде посветен на младите и ќе се одржи во дворот на средното училиште „Јосип Броз Тито“ од 12 до 14 часот.
На настанот ќе присуствуваат млади, кои заедно со познатиот уметник Дејан Давчевски, ќе нацртаат мурал на ѕидот на средното училиште, преку кој ќе ја испратат главната порака на кампањата и ќе ги повикаат сите млади да се обединат против омразата и дискриминацијата во нашето општество. За забавата да биде целосна, ќе се погрижи познатиот диџеј Васе, а ќе присуствуваат и дел од амбасадорите против говор на омраза, како и младите европски амбасадори.
Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ има цел да ја подигне свеста за различните форми на говор на омраза, кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира разни начини за спротиставување на говорот на омраза. Кампањата вклучува јавни личности, институции, организации и клучни активисти за човекови права, кои преку лични сведоштва, приказни и размена на добри практики ќе промовираат разноликост и еднаквост во локалните заедници и во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Јон Вардар слета во Буенос Ајрес

Првиот македонски долгометражен анимиран филм деновиве беше прикажан на 26. издание на престижниот филмски фестивал во Буенос Ајрес, Аргентина, БАФИЦИ (Buenos Aires International Festival of Independent Cinema).
На трите проекции, на кои се бараше карта повеќе, присуствуваше и режисерот Гоце Цветановски, кој пред присутните зборуваше за долгогодишното креирање на филмот, предизвиците, и честа да се биде дел од еден од водечките фестивали за независен филм во светот.
„Проекциите во Буенос Ајрес завршија со многу интересни средби и се радувам на секој еден разговор за овој филм. Ова е дестинација на која повторно би сакал да се вратам со следниот проект, а работите веќе се движат во таа насока“, рече Цветановски, додавајќи дека засега не може да открие повеќе детали.
Директорот на фестивалот, Хавиер Порта Фоуз претставувајќи го филмот пред публиката рече дека за првпат филм од Македонија е дел од овој фестивал. Истовремено, вели, предизвик бил преводот оти во Аргентина живеат само 12 Македонци.
Претходно, од фестивалот за филмот напишаа: „Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на John Vardar vs. the Galaxy е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде секое чудовиште е повик на бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното“.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.
Култура
Овации и долгостоечки аплауз за актерите од претставата „12“ во Сараево

Вчеравечер, на сцената на Народно позориште, Сараево, беше изведена претставата „12“ – силна и провокативна адаптација инспирирана од „12 гневни луѓе“ на Реџиналд Роуз, во режија на реномираниот Синиша Евтимов.
Публиката во Сараево имаше ретка привилегија да ужива во оваа интензивна и длабоко ангажирана претстава, изведена од врвна актерска екипа составена од најзначајните имиња на македонската театарска сцена: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
„12“ е претстава што остава силен впечаток – со длабока психолошка анализа, моќна социјална порака и актери во извонредна уметничка форма. Кулминацијата на вечерта беше долгиот и громогласен аплауз, проследен со стоечки овации – искрен израз на восхит и почит кон актерската екипа и квалитетот на македонската театарска уметност.
Овој настап на Македонскиот народен театар во Сараево уште еднаш ја потврдува улогата на театарот како простор за дијалог, катарза и споделување универзални човечки вредности, надвор од границите.
Култура
Љутков од Гевгелија: Градот на културата за 2025 година, широко ги отвори портите за нови културно – туристички доживувања

„Гевгелија е град на културата за 2025 година – честитки до сите вас што го правите овој град жив, динамичен и културно богат“, рече министерот Љутков поздравувајќи го присутните на свеченото отворање на манифестацијата.
„Оваа манифестација не е само признание туку и можност да се поддржи локалната културна сцена, да се привлече нова публика, да се развие нова соработка и да се постави Гевгелија на мапата како културен центар кој зрачи со енергија и оригиналност. Тоа е покана – за нова уметност, за свежи идеи, за младинска енергија и за културен туризам што ќе го слави топлиот и автентичен дух на Гевгелија. Овде уметноста е таа што нѐ поврзува, туризмот ни го отвора градот кон светот, а младите, пак, се нашата иднина. Затоа градот што многумина го нарекуваат и „порта кон Европа“, со својот потенцијал е и културна и туристичка порта кон нови можности. Затоа, да ја отвориме вратата за уметниците, да создадеме нови културни мостови, да го претвориме туризмот во доживување кое ќе раскажува приказни – преку музика, слики, зборови и движење“, рече Љутков.
Тој додаде дека Гевгелија е важен туристички центар кој културата ја вградува во туризмот, и туризмот во културата на градот. Затоа, како што рече Љутков, Министерството за култура и туризам оваа година става посебен акцент не само на културното творештво, туку и на развојот на транзитниот и винскиот туризам, како клучни сегменти на локалниот туристички идентитет.
„Гевгелија, со својата стратешка позиција, може и мора да биде прва станица за сите што влегуваат во нашата земја – и прва можност да се почувствува нашата културна посебност преку гастрономијата, уметноста, виното и гостопримството. Затоа ќе поддржиме програми каде што културата и туризмот може да одат рака под рака – како модерна приказна со длабоки корени. Ќе ги поврземе локалните винарии со културни настани, ќе отвориме нови културно-туристички рути и ќе работиме на тоа транзитните патници да станат туристи, а туристите – амбасадори на нашата култура и културно богатство“, рече министерот.
Отворањето на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ на Градскиот плоштад беше проследено со концерт на Националниот џез оркестар, кој под диригентската палка на Џијан Емин, изведе незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. Претходно пак во Уметничката галерија на НУ Музеј-Гевгелија беше отворена самостојната изложба на Aна Митевска, насловена „Приказни во тиркиз – Извор на животот“.