Црна хроника
Товарно возило удри во дете на велосипед, со тешки повреди е пренесено во болница
Товарно возило удри во малолетник што управувал велосипед во Скопје.
Како што информираа од МВР, велосипедистот со тешки повреди бил пренесен во Градската болница.
„На 14.4.2022, во 20.10 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од улиците Костурски херои и Благоја Давков, товарно возило „фолксваген“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Д. С. (46) од Скопје, удрило во велосипед управуван од малолетник од Скопје. Во несреќата тешки телесни повреди добил велосипедистот, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје“, информираа од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Неготинец пријавен за ширење расистички и навредлив материјал на социјалните мрежи
Полицијата во Неготино поднесе кривична пријава против 67-годишен жител на градот, осомничен дека на социјалните мрежи објавувал расистички и ксенофобични содржини.
Како што соопшти полицијата, Љ.Т. на 20 октомври годинава, преку својот личен профил и уште еден профил што го администрирал, објавил видео во кое користел погрдни и навредливи изрази за жители на селото Криволак. Во снимката, според пријавата, тој повикувал на дискриминација и ускратување на избирачкото право на група граѓани по етничка основа.
Ден подоцна, во полицијата во Неготино биле поднесени три пријави против него, а на 24 октомври дополнително реагирале и 107 жители на Криволак, кои писмено пријавиле дека видеото содржи навреди и невистини на национална основа поврзани со изборниот процес.
Осомничениот се товари за кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, а пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство во Кавадарци.
Црна хроника
Охриѓанец уапсен со оружје, муниција и 488 стебла канабис
Полициските службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид го уапсиле 48-годишниот Г.М. од селото Подмољје, поради сомнение за нелегално поседување оружје, муниција и наркотични растенија.
При претрес во поранешен угостителски објект во селото Мешеишта, општина Дебрца, кој го користел уапсениот, полицијата пронашла и одзела 1.357 парчиња муниција од различен калибар, 488 стебла од растението канабис, еден сандак со куршуми калибар 7,62 милиметри, два стари револвери, еден пиштол „VZOR“ калибар 7,65 милиметри, две автоматски пушки, како и делови од рачна бомба, тромблонски држач, пакување со црна грутчеста материја и ќеса со кафеава прашкаста материја.
Предметите биле одземени, а лицето е задржано во полициската станица во Охрид. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Топ
Наставничка од Кавадарци влегла во профилот на колешка и и’ праќала приватни разговори на директорката
Полицијата во Кавадарци поднесе кривична пријава против две жени — наставничка и директорка од основно училиште во градот, под сомнение дека неовластено пристапиле до приватен профил на социјална мрежа и злоупотребиле лични податоци на нивна колешка.
Според информациите од полицијата, наставничката В.Т. (47) на 4 септември годинава, во училница на службен лаптоп го затекнала отворен профилот на својата колешка. Наместо да го затвори, таа ги фотографирала приватните разговори од профилот и ги испратила на директорката на училиштето, М.Т. (52).
Неколку дена подоцна, В.Т. успеала да ја открие и лозинката на колешката, па на 5 и 7 септември повторно влегла во нејзиниот профил, направила фотографии од лични пораки и повторно ги предала на директорката. Наместо случајот да го пријави, директорката, според полицијата, ги споделила фотографиите со други колеги во училиштето.
Инцидентот кулминирал на 19 септември, за време на наставнички совет, кога оштетената дознала што се случува и јавно реагирала. Наместо извинување, директорката ѝ се заканила дека ако го пријави случајот, ќе ги сподели сите приватни пораки што ги има.
Полицијата ги пријавила двете жени за „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и за „злоупотреба на лични податоци“, а случајот е проследен до Основното јавно обвинителство во Кавадарци.

