Македонија
Можно е враќање на децата на училиште од понеделник, Владата и СОНК викендов ќе преговараат

Владата и претседателството на СОНК, придружено со претставници на дел од регионалните одбори на Синдикатот, во текот на претстојниот викенд остануваат во комуникација за да се најде заемно прифатливо и достоинствено решение за одредено зголемување на платите во образованието и предучилишното воспитување и згрижување.
На состанокот во Владата, претставена од премиерот Димитар Ковачевски, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за образование и наука, Јетон Шакири, и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, и претставниците на СОНК – се договорија во наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата што ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на буџетот по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките.
На состанокот во Владата дополнително се разговараше веднаш да почне сеопфатен дијалог, со активно учество на Синдикатот за трајно решавање на континуираниот раст на платите.
Владата, истакна на состанокот премиерот Димитар Ковачевски, е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите, кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој, како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Воз удри во автомобил кај Зелениково, нема повредени

Во сообраќајна несреќа што се случи денеска кај Зелениково, воз удрил во патничко моторно возило, но за среќа, во инцидентот нема повредени лица.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата е пријавена во СВР Скопје во 18:10 часот. Според пријавата, воз удрил во автомобил управуван од Ж.М.К. (51) од Скопје, додека возот бил управуван од С.М.
На местото на несреќата веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош Скопје, која констатирала дека нема повредени.
Полицијата изврши увид и работи на целосно расчистување на случајот.
Македонија
Гаши демантира дека ја напушта коалицијата Вреди, останува лојален на гласачите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека ја напушта коалицијата Вреди. Тој истакна дека останува член на партијата Алтернатива и дел од коалицијата Вреди, истовремено потенцирајќи дека како собраниски спикер ќе продолжи да ги извршува своите обврски согласно уставните надлежности.
„Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Вреди. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“, напиша Гаши.
По неодамнешните несогласувања со Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, од коалицијата Вреди најавија нов чекор кон поголемо политичко единство. Според најавите, следната недела ќе започне процедурата за создавање на единствена политичка партија што ќе ги обедини постојните партии од оваа коалиција.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, во интервју за емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија, изјави дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, програма и советнички листи за претстојните локални избори.
Македонија
Фетаи жестоко го нападна Ахмети: Лицемерно е да зборувате за достоинство, додека замижувавте пред злосторства

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, остро реагираше ден по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој оцени дека само Арбен Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Владата се понижувачки. Фетаи го обвини Ахмети за лицемерие и му порача дека тој „не е ничиј слуга“.
„Ахмети рече дека Арбен Таравари разбрал оти Албанците во Владата го понижиле и девалвирале својот народ. Колку дрско лицемерие. Ахмети, јас не сум ничиј слуга. Чувајте го овој епитет за себе, вие кои посветено им служевте на антиалбанските сили и го легитимиравте секое злосторство врз Албанците“, напиша Фетаи на социјалните мрежи.
Тој постави и неколку директни прашања до Ахмети, обвинувајќи го за молк и неактивност во клучни моменти за албанската заедница.
„Каде бевте кога вашите министри уапсија мајка и ќерка Албанка лажно обвинети за исламистички тероризам? Дали некогаш сте проговориле кога државните структури убиваа албански патриоти? Дали кренавте прст кога толпи хулигани тепаа Албанци по улиците на нашите градови? Каде беше тогаш вашето достоинство?“, праша Фетаи.
Во неговата реакција, Фетаи го обвини лидерот на ДУИ дека ја прифатил агендата на ВМРО-ДПМНЕ и ги изневерил интересите на Албанците.
„Ти си тој што дозволи институциите финансирани од нашите даноци да ги навредуваат Албанците на национална основа. Ти си тој што прифати „Скопје 2014“ како национален проект и лавот на ВМРО-ДПМНЕ како илирски симбол. Замижувавте пред манипулациите со пописот. Испразнивте цели региони од Албанци. Никогаш во историјата немало поголемо понижување, повеќе предавство и мизерија отколку за време на вашето мрачно владеење“, порача Фетаи.
Според него, ДУИ единствено успеала во „збогатување на тесен круг луѓе“, додека народот, како што рече, останал да страда.
„Албанците не забораваат. Албанците не простуваат. Вашиот проблем е сметката – и таа ви тропа на врата“, заврши Фетаи.