Македонија
(Видео) Мицкоски: Петков да отвори македонски културен центар во Благоевград и Сандански
Ковачевски и Османи ги загрозуваат преговарачките позиции на Македонија, Петков ако сака да даде пример за добрососедство може по враќање во Софија да отвори македонски културен центар во Благоевград и Сандански, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Мицкоски смета дека ова што го прави Ковачевски и Османи е директно загрозување на преговарачките позиции, додавајќи дека недолично и срамно е тоа што Османи прифаќа на договор кој веќе еднаш е одбиен.
„Имаме само определени шпекулации кои што или ги дознаваме од медиумите или канали кои што се неофицијални, но тоа се нерелевантни информации кои што доаѓаат до нас. Навистина се срамам ова што го прават Ковачевски и Османи на граѓаните во Македонија. А она што го направи Османи прифаќајќи договор кој што веќе е добиен неколку месеци претходно, веќе не е ни домат дипломатија, ова просто се граничи со нешто што е уште пониско од таа домат дипломатија. Се срамам што граѓаните плаќаат практично пари на ваков тип на политичари да земаат плати и да уживаат привилегии на грбот на народот кој што едвај крај со крај во овие кризни времиња врзува. Навистина е недолично за еден министер за надворешни работи три месеци откако веќе тој предлог како што кажуваат од бугарската страна, така тие кажуваат, не знам ни тоа дали е вистина, да прифаќа нешто, што тие пред три месеци веќе го одбиле. Тоа е исто како да зборуваме за ланскиот снег“, рече тој.
Мицкоски додаде дека однесување на власта во однос со преговорите со Бугарија покажува комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ и на сите граѓаните во државата.
„Јас не знам каква е оваа стратегија и кој ги подучува на сето ова, но ако мислат дека на тој начин ќе се покажат како политичари кои што еве се конструктивни, тогаш ова е комплетно спротивно на тоа и они ни покажуваат комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ, граѓаните во Македонија без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби и останати да добијат можност да ги отпочнат преговорите со Европската унија. Ова е одлична можност да го загрозат тој почеток тоа што го прави Ковачевски и Османи“, заклучи Мицкоски.
Мицкоски за посетата на Петков нагласи дека доколку Петков сака да покаже пријателство, тогаш истиот пример од Битола да го земе за во Благоевград и Сандански и да им овозможи и на тие Македонци во Бугарија еден културен македонски центар, посочувајќи дека пријателството се покажува со дела, а не со зборови.
„Веднаш после тоа отворање Петков кога ќе замине во Софија треба да земе пример од тука од Битола и да направи сличен таков потег во Благоевград и Сандански, и на тие илјадници македонци кои што живеат таму да им овозможи еден ваков културен македонски центар кој што е во согласност со сите пресуди од Стразбур. А овие малкумина македонски Бугари кои што на пописот кој што беше таков некомплетен и манипулативен се изјаснија дека отприлика околу 800тини од нив го говорат бугарскиот јазик како мајчин треба да го советуваат Петков истото тоа да го направи и во Бугарија за Македонците кои што живеат таму и на тој начин навистина ќе го покажат и на дело тоа братство а кое што тој цело време зборува и полна му е устата за братство и пријателство. Пријателството не се зборува, туку се покажува со дело“, потенцираше Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

