Свет
Путин со закон забрани изедначување на СССР и нацистичка Германија
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша нов закон со кој се забранува јавно изедначување на улогата на СССР и нацистичка Германија за време на Втората светска војна, пренесува руската агенција РИА.
Изедначувањето на „целите, одлуките и дејствијата“ на цивилната и воената команда на СССР, како и советските војници со нацистичка Германија беше прогласена за прекршок за кој граѓаните се соочуваат со парична казна од 1000 до 2000 рубли или затвор од 15 дена.
За функционерите се пропишани построги казни. Тие се соочуваат со казни од 2.000 до 4.000 рубли, додека казните за правните лица се движат од 10.000 до 50.000 рубли.
Забрането е да се негира ослободителната улога на СССР
Во случај на повторени прекршоци, максималната казна за граѓаните се зголемува до 5.000 рубли, а за службениците до 20.000 рубли. Државните службеници кои ќе го повторат овој прекршок можат да бидат казнети со суспензија од 6 месеци до една година. За правните лица е предвидена глоба во износ од 50.000 до 100.000 рубли или административно запирање на активностите до 90 дена.
Новиот закон забранува и негирање на „одлучувачката улога на советскиот народ во поразот на нацистичка Германија“, како и негирањето на „хуманитарната мисија на СССР во ослободувањето на европските земји“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos

