Економија
Бесими: Потребно е одржливо решение за раст на платите, но и зголемена продуктивност

Платите во образованието треба да растат, а и во изминатите години имаше веќе неколку покачувања. Треба да растат и платите во здравството, правосудство,одбраната, безбедноста, но треба да се испорача и економски резултат, да бидеме свесни за глобалната ситуација и економијата да застане на здрави нозе, порачува во својата најнова колумна министерот за финансии Фатмир Бесими, во која пишува за продуктивноста, платите и човечкиот капитал.
– Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните – пишува министерот за финансии.
Во колумната Бесими наведува резултати од системска анализа на Светска банка, во која се нотира дека 11 години од предучилишно, основно и средно образование, според квалитетот на наученото, е еквивалентно на само 7,3 години во развиените земји.
-Она што понатаму треба да не грижи и што не загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега губеа по 3,7 години неоправдано во училишните клупи – да не дозволиме да губат дополнително од ова. Од нивната идна продуктивност ќе зависи иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето на солиден и здрав систем каде сите додаваме на вредност е единствениот систем кој може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно ако сите подеднакво сериозно си ја сфатиме задачата. – пишува министерот за финансии.
Во однос на платите, Бесими пишува дека Владата создала реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, а поставен е и репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика, како во јавниот така и во приватниот сектор.
-Нашата посветеност како влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор кој од друга страна треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, која пак треба да биде конкурентна и постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и влакитет на живот на граѓаните. Со други зборови платите во јавниот сектор, треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор и да придонесат преку зголемување на нивниот квалитет. – пишува Бесими.
Министерот додава дека во економската теорија секое зголемување на плати без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, кое во услови на ценовни притисоци може да ја подгрева дополнително инфлацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.
Економија
Советот на Народната банка донесе одлуки за унапредување на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги

На својата последна седница, Советот на Народната банка усвои четири значајни одлуки насочени кон зајакнување на системот за заштита на потрошувачите, коишто треба да обезбедат поголема транспарентност, фер практики и ефикасно постапување по поплаките на граѓаните од страна на банките и штедилниците, како и соодветни контролни механизми од страна на Народната банка во оваа област.
Со Одлуката за обезбедување јасни, релевантни и навремени информации за производите и услугите, којашто беше усвоена од Советот, се воведува задолжителна обврска за банките да обезбедуваат точни, разбирливи и навремени информации на потрошувачите, особено пред склучувањето договори за кредити и депозити. Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги, извести Народната банка.
Со усвоената Одлука за обезбедување фер и транспарентен пристап при склучување и примена на договорите со потрошувачите се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики. Воедно, се дефинираат основните можни ризиците кои треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучување на договор, а банките се задолжуваат да донесат интерни акти со кои ќе обезбедат фер практика и недискриминација, вклучително и во однос на потрошувачите со попреченост.
Одлуката за воспоставување систем за прием, евиденција и правично постапување со поплаките на потрошувачите го уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаки во банките, како и обврска за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и штедилниците.
Одлуката за начинот на вршење контрола над работењето на финансиските институции во доменот на заштитата на потрошувачите ги пропишува основните видови на контроли во доменот на заштита на потрошувачите. Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување“ по примерот на напредните европски практики.
Со овие четири одлуки, Народната банка поставува правила и механизми за подобра заштита на правата и интересите на потрошувачите, придонесувајќи кон потранспарентна и пофер средина за користење на финансиските услуги, како и поголема финансиска инклузија, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
Стопанската комора на Северозападна Македонија ги поздрави мерките на Народната банка за пониски трошоци за платни услуги за бизнисот

Членовите на Собранието и на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, на средба со гувернерот д-р Трајко Славески, ги поздравија мерките на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги, кои веќе ги даваат првите резултати, и иницијативата на Народната банка за обезбедување поповолни услови за користење на платежните услуги за фирмите.
Гувернерот Славески нагласи дека со овие мерки Народната банка испраќа јасна порака за поддршка на сеопфатните економски придобивки преку овозможување пониски трошоци за електронските плаќања за компаниите и обезбедување поголема достапност и ефикасност на платните услуги.
На средбата беше истакнато дека Народната банка продолжува со посветеност да ги унапредува условите во платниот систем, во согласност со европските стандарди и во насока на претстојното приклучување кон СЕПА, кое се очекува да започне на 6 октомври, извести Народната банка.
Во разговорот, и двете страни оценија дека стабилниот и конкурентен банкарски сектор е клучен за поддршка на стопанството, а Народната банка и натаму останува отворена за дијалог со деловната заедница со цел создавање подобра економска клима и пристап до квалитетни финансиски услуги.
Во однос на монетарната политика, гувернерот подвлече дека Народната банка внимателно ги следи економските текови и е подготвена да реагира соодветно со сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс и на цените, се наведува во соопштението на Народната банка.