Економија
Николовски: Нема да дозволиме да се манипулира со откупот на пролетна зелка, инспекциите се на терен, никој не е привилегиран
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорите на Платежната агенција и Државниот инспекторат за земјоделство, Никица Бачовски и Зоран Шапуриќ, како и со претставници од министерството, денеска во Струмица имаа средба со производителите на пролетна зелка. На средбата се разговараше за состојбата со откупот и пласманот на пролетната зелка.
Министерот Николовски посочи дека Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен и нема да се дозволат манипулации со откупот.
„Денеска имавме конструктивен состанок на којшто земјоделците алармираа околу одредени недоследности коишто ги има на терен во однос на откупот на пролетна зелка. Заеднички дискутиравме за сите решенија и за непречен откуп и пласман на пролетната зелка. На состанокот формиравме потесна работна група во која ќе бидат претставници од министерството, подрачните единици, од Државниот инспекторат за земјоделство, Платежната агенција и производители на пролетна зелка. Ја следиме состојбата, инспекторите се постојно на терен, и доколку бидат утврдени манипулации од страна на трговците, ќе има санкции. Никој нема да биде привилегиран, сите мора да ги почитуваат законите. Нас ни е важно земјоделците да бидат заштитени од државата, и тоа е наша обврска. Затоа, заеднички со производителите на зелка, ќе ги следиме состојбите и ќе носиме соодветни мерки и политики во следниот период“, рече министерот Николовски.
Местото на земјоделците не е на улица, туку во нивите остварувајќи поголемо домашно производство. Ова е заедничкиот заклучок од денешната средба помеѓу министерот Николовски и производителите на пролетна зелка.
“Како министерство остануваме фокусирани на зголемување на домашното производство, преку мерки кои ги носиме со Националниот план за производство на храна. Земјоделците во министерството имаат гарант дека загуби во производството нема да има, дека производството ќе биде добро и навремено платена,“ изјави министерот Николовски.
На средбата, министерот Николовски информираше дека министерството и дипломатско – конзуларните претставништва се мобилизирани, постојано се комуницира со земјите од регионот, со цел да има да има непречен извоз на пролетната зелка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Претставени новите правила за учество на пазарот на електрична енергија
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, одржа презентација и јавна расправа за „Правилата за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори“. На настанот беше презентиран и Извештајот за работа на МЕМО за тековната година.
На расправата присуствуваа претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, МЕПСО, ЕСМ, како и компании снабдувачи, трговци и производители на електрична енергија. Стручните тимови на МЕМО и раководството презентираа и беа отворени за дискусија со учесниците на настанот.
Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, истакна дека во тековната година активно се реализираат зацртаните цели на Операторот, кој ги интегрира функциите поврзани со управување со пазарот на билатерални договори, интеграцијата на обновливите извори на пазарот на електрична енергија како и Македонската берза за електрична енергија.
„Расте бројот на компании кои тргуваат на домашната берза, како и истргуваната количина, што претставува показател за поголема ликвидност и транспарентност. Веќе 39 компании активно тргуваат и споредено со 2024 година забележуваме раст на истргуваната количина од 40%. До октомври годинава истргувани се над 1 TWh електрична енергија,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека е забележан раст и во производството од обновливи извори кај 178 повластени производители, што го зголемува учеството на зелената енергија во националната енергетска структура. Воедно, значително расте и бројот на издадени Гаранции за потекло – од април до денес издадени се 127.907 гаранции.
Во делот на идните активности, Ѓорѓиевски најави дека се работи на воспоставување на пазар во тековниот ден (Intraday Market), кој се очекува да стане оперативен до крајот на вториот квартал од 2026 година, како и на подготовките за пазарно спојување со европскиот пазар.
Во однос на новите Правила за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори, беше истакнато дека нивната цел е обезбедување ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив пазар, заснован врз транспарентност и недискриминација, согласно законската регулатива од областа на енергетиката и обновливите извори.
Правилата ја утврдуваат целокупната организација, функционирање и регулирање на пазарот на електрична енергија, вклучувајќи ги условите, постапките, правата и обврските на сите учесници, начинот на тргување – домашно и прекугранично – како и уредувањето на набавките, евиденциите и односите со повластените и виртуелните производители.
Новитет во Правилата се воведувањето на Оператор на складиште и Агрегатор како нови учесници на пазарот на големо, согласно новиот Закон за енергетика. По јавната расправа следи процес на одобрување на Правилата од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги од јавен интерес.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Есенскиот извештај на ЕК сигнал дека се движиме во позитивна насока
Есенските економски проекции на Европската комисија, кои што се објавени вчера, се јасен сигнал дека се движиме во позитивна насока, оценува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во објава на Фејсбук наведува дека проекцијата за раст на македонската економија е зголемена за 2025 и 2026 година, што е потврда за стабилноста, издржливоста и довербата во нашите економски политики.
Како што стои во објавата во Извештајот е нотирано дека во првата половина од годината растот на БДП беше повисок од очекуваното, поддржан од инвестиции, приватна потрошувачка и подобрени извозни перформанси. Инвестициите во инфраструктурата и приватниот сектор се позиционираат како двигатели на растот во следните години, а стабилизирањето на инфлацијата дополнително ја зајакнува економската предвидливост. Дополнително, реализацијата на големите инфраструктурни проекти и спроведувањето на реформите од Планот за раст на ЕУ ќе имаат поголем придонес за уште побрз развој.
Како што пишува министерката ова се позитивни сигнали од ЕК коишто се силен поттик да продолжиме со одговорни политики што ја зајакнуваат економијата и го подобруваат животниот стандард на граѓаните.
„Како Влада и како Министерство за финансии, остануваме посветени на стабилни јавни финансии, фокусирани инвестиции и реформи што го забрзуваат економскиот развој“, истакнува министерката во објавата.
Имено, во Есенскиот извештај на Европска комисија (ЕК) проекцијата за економски раст за 2025 година изнесува 3,2% и истата е зголемена за 0,2 п.п. во однос на претходниот извештај. Исто така, проекцијата за 2026 година ЕК ја ревидираше нагоре, односно истата е зголемена на 3,3% и за 2027 година предвиден е раст од 3,3%.
Економија
Кузманоска: Домашните капитални инвестиции во 2026 година ќе бидат мотор за економскиот раст на земјата
Биљана Кузманоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година порача дека Предлог-буџетот за 2026 година носи ред, мерливи резултати и стабилен економски раст, со силен фокус на инфраструктурата и инвестиции кои треба да отворат нови работни места.
,,Буџетот за 2026 година не е само финансиска рамка, тој е одраз на новиот начин на работа, на новата политика што ја ветивме, политика на одговорност, ред и чесност“, рече Кузманоска и додаде:
,,Воведуваме јасни прагови за реализација, и тоа не на хартија туку со мерливи рокови. До крајот на првиот квартал, 15% до вториот 40% до третиот 65% и најмалку 70% до 15 ноември“.
Кузманоска посочи дека фокусот на Предлог-буџетот за 2026 година е и инфраструктурата.
,,Фокусот е на инфраструктурата што ја поврзува Македонија. Патишта, железници, училишта, болници, локални проекти. Со овој буџет имаме реален раст и стабилност. Буџетот е поставен на реални и внимателни проекции. Раст на економијата од 3,8% проекти, инфлација стабилна на 2,5%, и дефицит кој е намален н 3,5% од БДП“, истакна Кузманоска.
Таа дополни дека во 2025 година Македонија имаше рекордни странски инвестиции, што според неа, покажува стабилност, а истакна и дека во 2026 година се очекува инвестициите заедно со домашните капитални вложувања да бидат мотор на економскиот раст и да отворат нови работни места.
,,Минатата година го достигна највисокото ниво на странски директни инвестиции во својата историја, над 1 милијарда евра. Тоа не се бројки, туку доказ дека инвеститорите гледаат стабилност, предвидливост и волја за работа. Во 2026 година, заедно со домашните капитални вложувања очекуваме инвестициите да бидат мотор што ќе го движи економскиот раст и ќе отвора многу нови работни места“, кажа Кузманоска.

