Македонија
Ковачевски: Одбивањето на СОНК платите да бидат покачени за 10% е уцена со која се нанесува ненадоместлива штета на учениците

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, одлуката на СОНК да ја одбие понудата за покачување на платите во образованието и предучилишното згрижување го оценува како ненадоместлива штета во образованието на учениците и отежнување на секојдневието на родителите.
„Денес започнува втората недела во која децата нема да бидат во училишните клупи. Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите.
Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сè за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните.
И покрај сè, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе Владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата.
Од 2017 година до денес, платите во образованието ги покачивме за 21%. Со овие дополнителни 10% тоа би биле 31% покачување кои за СОНК во услови на светска економска криза не се доволно. За споредба, за пет години, од 2011 до 2016 година платите во образованието беа покачени за само 4%.
Владата прави сè што треба за да го одржи дијалогот и да најде заеднички јазик, но барањата и односот на СОНК се целосно неприфатливи. Местото на децата е во училиштата и во оваа ситуација единствено СОНК и раководството се одговорни за тоа што тие не го остваруваат правото на образование“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минатата недела „пајакот“ кренал 99 возила во Општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 17.08.2025 до 24.08.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 99 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Македонија
ДУИ: Мицкоски на погрешен пат, неуспесите не се покриваат со клевети

„Изјавите на премиерот Мицкоски и неговите повторни клевети зборуваат повеќе за неговата мака отколку за ДУИ. Наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област – од економијата до меѓународната изолација – тој се занимава со празни напади кон ДУИ“, велат од Демократската унија за интеграција.
„Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни: зошто неговата влада го крши Уставот и законите, зошто ги дискриминира Албанците, зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година.
ДУИ не може да остане рамнодушна кога се крши Охридскиот мировен договор – документ од суштинско значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата. Обидот на Мицкоски да создаде политички „кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување. Ова не придонесува за кохезијата на општеството, ниту за политичка стабилност.
Мицкоски, претставувајќи се како патриот и бранител на македонската кауза, всушност му штети на сопствениот народ. Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива.
Нас не нè интересира дали сме или не сме во власта – туку да ја придвижиме државата напред, да ја извадиме од ќорсокак. Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината.
Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на „српскиот свет“, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство.
Што се однесува до обвиненијата за криминал и корупција, одговорот е едноставен: прифатете го предлогот на ДУИ за целосен ветинг. Не ги штитете олигарсите и не ја блокирајте чистката на политиката од криминал. Не ги бранете корумпираните политичари, без разлика кој се. Нека има истрага за потеклото на имотот на секој политичар и секоја политичка партија. Нека има истрага за процесот на приватизација. Нека има истрага за активностите на безбедносните служби и за сите функционери од 1945 година наваму – од ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ, прифатете го.
ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Мицкоски треба да знае: клеветите не ги покриваат неуспесите, ниту погрешната насока на оваа влада. Одговорот на граѓаните ќе дојде во октомври – и тој ќе биде јасен“, се наведува во соопштението од ДУИ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: 4 години локална власт, се градеше и реконструираше патна и подземна инфраструктура, училишта и градинки, спортски центри и терени, градски пазари, пречистителни станици

„Во изминатите четири години локална власт, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, посветено работеа да реализираат проекти кои го подобруваат целокупното живеење на граѓаните. Не беше лесно да се водат општини преземени од претходната локална власт, заглавени во долгови, со блокирани сметки, без никакви проекти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Исто така, не беше лесно работењето со претходната централна власт, која не само што немаше партнерски однос кон градоначалниците, туку и ги опструираше во извршувањето на нивните активности и реализирањето на проектите.
И покрај тоа, за четири години се вложуваше и се направи многу.
Се изградија и реконструираа улици и патишта во вкупна должина од над 770 километри и вредност од околу 100 милиони евра, 46.840 метри нови водоводи, додека канализации во должина од над 91 илјади метри.
Изградени или во завршна фаза на градба се 7 пазари од затворен тип, меѓу кои во Штип е целосно изграден новиот полузатворен градски пазар на површина од 1200 м2 и обезбедени паркинг места, исто како и во Велес каде новиот покриен пазар е завршен после долги години, додека во Радовиш е во завршна фаза на изградба и истиот ќе има простории за трговија, катна гаража и канцеларии.
Изградени или во завршна фаза на градење се 12 пречистителни станици, меѓу кои целосно завршена е пречистителната станица за отпадни води во село Видовиште, во вкупна вредност од 1,9 милиони денари.
Посебно внимание се посвети на младите и образованието, при што реконструирани и модернизирани се над 400 училишта, каде во некои се прошируваа капацитетите, создавајќи услови за едносменска настава, а завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта и детски рекреативни терени.
Се вложуваше и се градеше низ цела држава, така во општина Охрид изградени и реконструирани се 20-тина повеќенаменски спортски и детски игралишта, во Демир Хисар две игралишта за кошарка и тенис, во Илинден беше пуштен во употреба нов фудбалски терен, како и спортски центри во Стајковци, Хиподром, Инџиково и Идризово, Гази Баба.
На голем број училишта поставени се фотоволтаици, а во голем број на општини обезбедена е бесплатна храна за децата од 1 до 5 одделение и бесплатно летување за децата од социјално загрозените семејства.
Згрижувањето на децата во градинките беше еден од главните приоритети на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и за таа цел се инвестирани над милијарда денари за реконструкција и модернизација на над 70 детски градинки и изградба на неколку целосно нови.
И се ова не се само бројки, туку конкретни проекти кои се видливи и мерливи и кои го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.