Свет
Бајден на состанок со сојузниците за украинската криза и воените злосторства
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска преку видеоврска ќе одржи состанок со сојузниците, на кој ќе се разговара за украинската криза, како и за начините за координирање на напорите Русија да биде повикана на одговорност, соопшти Белата куќа.
„Претседателот ќе одржи безбеден видеоповик со сојузниците и партнерите за да разговара за нашата континуирана поддршка за Украина и напорите Русија да биде одговорна во рамките на нашата тесна координација“, се вели во соопштението.
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, синоќа ги осуди, како што наведе, „континуираните неселективни напади на руските вооружени сили врз цивили и цивилна инфраструктура во Украина“.
Тој на Твитер објави дека е во контакт со обвинителот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, нагласувајќи дека воените злосторства не смеат да останат неказнети.
Нема планови Бајден да го посети украинскиот главен град Киев, повтори портпаролката на Белата куќа Џен Псаки на денешниот брифинг, пренесе „Ројтерс“. Зеленски во вчерашното интервју за Си-ен-ен рече дека Бајден треба да ја посети Украина.
„ Мислам дека Бајден како претседател на САД треба да дојде овде и да види се со свои очи“ – рече Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на Советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година, и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
„Си-Ен-Ен“ објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. „блек бокс“ предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за предупредување кое се користи за истакнување на сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот, наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни проценки што ги пренесува Си-Ен-Ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле околу 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување на „блек бокс“ предупредување без јавно достапни докази може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и HHS ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос
Свет
Будимпешта обвинува: Со одлуката за рускиот имот завршува владеењето на правото во ЕУ
Унгарија упати остри критики за гласањето во Брисел за замрзнатиот руски имот, оценувајќи дека со тоа се кршат темелните европски договори и принципот на едногласност. Од Будимпешта порачаа дека ваквата одлука значи крај на владеењето на правото во Европската Унија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека „Брисел денес го преминува Рубикон“, наведувајќи дека со писменото гласање се укинува барањето за едногласност при одлучувањето за замрзнатите руски средства. Според него, со оваа одлука европските лидери се ставаат над правилата и завршува владеењето на правото во ЕУ.
Орбан ја обвини Европската комисија дека ги крши европските договори за да продолжи, како што рече, војната во Украина, оценувајќи дека во Унијата наместо владеење на правото настанува „владеење на бирократи“.

