Македонија
МОН: Правата на децата имаат предност кога има судир на две уставно загарантирани права, потврди народниот правобранител
Правото на штрајк и правото на образование се две уставно загарантирани права, но во ситуација при судир на овие две права, според сите меѓународни документи и според Конвенцијата за правата на детето, предност се дава на правата на децата, што значи дека воспитно-образовниот процес не треба да трпи последици, изјави народниот правобранител Насер Зибер одговарајќи на прашање во однос на мислење за штрајкот на СОНК по денешниот заеднички настан со Министерството за образование и наука посветен на инклузијата на образовниот систем.
Народниот правобранител вели треба да се внимава на дигнитетот на наставниците и на сите вработени во образованието, што подразбира и подобрување на нивната материјално-финансиска состојба и затоа, како што рече, упатил апел до Владата да продолжат преговорите со Синдикатот и што побргу да се најде решение за да нема последици врз воспитно-образовниот процес. Информира дека до институцијата не се доставени претставки за попречување на правото на штрајк, туку само за попречување на правото на образование.
Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека МОН и Владата се подготвени во секој момент да ги продолжат преговорите со СОНК и да се најде излез од ситуацијата која не оди во прилог на учениците.
„Се обидовме и пред неколку дена понудивме зголемување на платите на наставниците за 10 % или во износ од 2.500 денари, но, за жал, советот на СОНК одлучи тој предлог да не го прифати затоа што, како што соопштија, 90 % од нивното членство преку ‘Вибер’ потврдило дека не го прифаќа ова најголемо покачување на платите во образованието во последните неколку години, кое Владата го понуди, иако се наоѓаме во услови на голема економска и здравствена криза.
Шаќири реагира дека одредени членови на СОНК шират дезинформации во јавноста, со кои го поткопуваат процесот на преговарање и упати апел ваквите постапки да престанат за да се изнајде решение што побргу.
„Не сакам да имаме различни информации со СОНК, со наставниците и со јавноста. Прочитав вест дека претставник на Синдикатот од Струшко-дебарскиот Регион вели дека не е вистина оти Владата понудила 10 % зголемување на платите, а всушност на состанокот бевме присутни премиерот и четворица владини министри заедно со 20-ина членови на советот на СОНК, така што со ширење невистини не се дава придонес кон изнаоѓање решение“, рече Шаќири.
Министерот рече дека оваа Влада ветува и исполнува. Потсети дека во 2018, 2019 и во 2020 имало покачување на платите во износ над 21 %, како и дека со новиот Закон за минималната плата, кој предвидува 6 месеци усогласување, ќе има ново зголемување за оние што земаат плата под новиот договорен износ.
Апелира до СОНК и членовите да се вратат на настава бидејќи овој тип на штрајк, без организирање настава, не беше најавен и тоа создаде револт кај најголем дел од семејствата на учениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

