Македонија
Претежно облачно време со повремени врнежи од дожд
Денеска времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено во северните делови.
Во западните делови ќе дува повремено силен ветер (над 60 км/час) од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 9 до 17 степени.
Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче до членството: Сега повеќе од било кога ни е потребно единство
Носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Венко Филипче вечерва се обрати на централниот митинг во Изборната единица 4 што се одржа во Радовиш.
„Исправени сме пред одлучувачки момент за иднината на државата, но и иднината на СДСМ. Предизвикот пред нас е голем. По резултатот во првиот круг, нè чека тешка задача да ги подобриме работите. Тешка, но не и невозможна задача е пред нас која може да ја оствариме ако се обединиме на 8 мај“, рече тој.
Според него, секоја партија силата ја црпи од единството.
„За жал, ни се повторува историјата од 2006 година и повторно се соочуваме со поделба. Секој кој вистински ја поддржува СДСМ, кој е социјалдемократ и верува во вредности на слобода, правда, еднаквост, не може и не смее да остане рамнодушен на оваа состојба. Сите добро знаат што значи слаб и поделен СДСМ за иднината на државата. Тоа значи власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе. Ова не го кажувам за да заплашам никого. Ова го кажувам затоа што во ВМРО-ДПМНЕ нема суштинска промена. А кога нема суштинска промена не може да се очекува различно владеење“, истакна Филипче.
Оценува дека во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. Клучното прашање е, како што вели, што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив?
„Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат.
Драги сопартијци, драги симпатизери и поддржувачи, со вашиот глас против не ја казнувате СДСМ, туку ја наградувате ВМРО-ДПМНЕ. И доделувате неограничена моќ која тие најдобро знаат како да ја злоупотребат. Веќе започнаа со заплашувања и реваншизам и нема да престанат тоа да го прават.
Сега, повеќе од кога било ни е потребно единството. Ова е време кога мора да останеме заедно. Нашето единство е нашата моќ“, порача Филипче.
„Ја слушнав понудата која вчера партијата ЗНАМ ја даде јавно до СДСМ. Дозволете ми кратко, да ја кажам вистината за овој политички маневар на Максим Димитриевски. Понудата на ЗНАМ кон СДСМ не е реална понуда. Ваквата понуда е очекувано да биде одбиена од кое било раководство на партијата. Таа е направена со цел да биде одбиена. Нема чесни намери во делувањето на Максим Димитриевски кон СДСМ или членовите на партијата за кои наводно го болело срцето. Неговиот предлог, кој повеќе личи напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, е само алиби да ја оправда коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, во која е ефективно уште од 2021 година. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ“, кажа Филипче.
Порача граѓаните уште еднаш добро да размислат пред гласањето на 8 мај.
„Гласот е одговорност кон себе, но и кон сите други во општеството, гласот е алатка за избор на тоа каква иднина сакате.
Да се мобилизираме за изборите на 8 мај и да постигнеме добар резултат“, рече тој.
Македонија
Македонската телевизија: Испративме порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат му ја организираат агендата
Од Македонската телевизија ги отфрлаат информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на МТВ.
„Вечерва во 20:15 на Македонската телевизија наместо дуел меѓу двајцата претенденти за шеф на државата, ќе има интервју само со кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова. Нејзиниот опонент Стево Пендаровски не дојде да ги соочи ставовите во дебатата на јавниот сервис.
Македонската телевизија, на 26 април 2024 година, упати покани за предизборно соочување до кабинетите на кандидатите кои влегоа во вториот круг од претседтелските избори, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.
Јавниот сеервис како датуми ги предложи – 1 мај (среда), 2 мај (четврток) и 6 мај (понеделник).
Во зависност од предизборните активности на кандидатите за претседател, оставивме можност дебатата да се снима во текот на денот или да се реализира во живо во вечерен термин, а конечната одлука за датумот ќе се донесе во договор со кабинетите на двајцата кандидати за претседател.
Од тимот на Гордана Силјановска Давкова, следниот ден, 27 април, известија дека го прифаќаат 2 мај-четврток како термин за дуел со можност за снимање во попладневен термин“, појаснуваат во реакцијата.
„Од тимот на Пендаровски немаше одговор до вчера, 1 мај. Јавниот сервис испрати порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат му ја организираат агендата и дека не можат да успеат. Во духот на професионалноста, јавниот сервис понуди и одделни интервјуа за двајцата кандидати, но од тимот на Пендаровски известија дека нема простор ни за тоа иако јавниот сервис во телефонски разговор остави можност за кој било од наредните денови до изборниот молк.
После сето ова, Македонската телевизија ги отфрла информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на МТВ“, се додава во напишаното од страна на Македонската телевизија.
Македонија
Спасовски: Просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, грантови за млади и зголемени плати во здравството
Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2 предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, се сретна со граѓаните од Чучер Сандево.
„СДСМ е рамо до рамо со граѓаните, сите на 8 мај за број 1“, порача тој.
Со СДСМ, како што рече, е можен европски животен стандард, со просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра”, рече Спасовски, наведувајќи мерки за младите од Програмата за европска иднина.
“Програмата за млади предвидува по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, додека грантовите за отпочнување на сопствен бизнис за млади, се зголемува на 8.000 евра”, истакна Спасовски, додавајќи дека платите во здравството ќе продолжат да раснат.
„Платите на медицинскиот персонал значително ќе се зголемат. Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари.
СДСМ нема да се откаже од унапредување на работничките права, раст на платите, подобро платени работни места” рече Спасовски.