Македонија
Муцунски најавува нов парк од 2.300 квадратни метри во Аеродром

Продолжуваме да ја разубавуваме нашата општина, започнуваме со уште еден проект, изградба на нов парк на улицата 23 Октомври во Стар Аеродром, објави на социјалните мрежи општинскиот градоначалник Тимчо Муцунски.
„Во соработка со општествено одговорна компанија ќе се уреди нов парк со површина од 2.300 квадратни метри“, напиша Муцунски.
Изградбата опфаќа детски парк и содржина за возрасни со новопроектирани пешачки патеки, простор за одмор, простор за одржување настани, павилјон за одморање, ново хортикултурно уредување и поставување нова наменска урбана опрема.
Воедно, додава градоначалникот, тука ќе никнат и нови садници со кои ќе се придонесе за уште повеќе зеленило во општината.
„Инвестицијата е вредна повеќе од 5.000,000 денари, а ќе се реализира во соработка со компанија која помага овој дел од општина Аеродром да добие нов лик како вистинска урбана општина“, нагласува Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од наредната година целосно автоматизирано пријавување на новороденче

Владата и Министерството за дигитална трансформација реализираат уште едно предизвборно ветување. Министерството од почетокот на годината, формираше работна група помеѓу повеќе инстутции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство-Управа за електронско здравство и соодветните јавни здравствени установи, за постигнување целосна автоматизација во издавањето на првиот извод од матична книга на родени за новороденчиња (Проект: е-бебе).
Проектот е-бебе, кој е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ, предвидува првиот извод родителите да го добијат во болница, најдоцна до 48 часа од раѓањето на бебето.
Министерството за дигитална трансформација, искористувајќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, спроведе поврзување на сите засегнати институции во процесот за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето. Во втората фаза на проектот се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.
Со посветена работа на работната група, наша определба е целосна реализација на проектот до јануари 2026 година.
Македонија
Градоначалникот на Центар, Герасимовски да одговори, каде отидоа парите за Работнички, прашува Мемов

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес-конференција потенцира дека недомаќинскиот однос на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски го доведе кошаркарскиот клуб „Работнички“ во незавидна ситуација. „Долговите се големи, „Работнички“ има дури шест БАТ-процеси што се водат против „центарци“.
„Фактот дека управата и градоначалникот Герасимовски не успеваат да најдат начин за исплата на средствата пред стартот на сезоната, говори дека чистењето на финансискиот хаос во клубот е невозможна мисија. Прашање е дали „центарци“ ќе успеат да ги решат овие спорови пред БАТ-судот на арбитража на ФИБА“ рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов.
Тој го запраша градоначалникот Герасимовски дали Центар полека ја губи својата гордост Кошаркарскиот клуб „Работнички“. „На што се должат овие долгови на клубот и зошто Герасимовски го дозволи тоа?
-Дали Работнички ќе мора да настапи со преполовена екипа во следната сезона и да игра со играчи од младинските категории? Колку пари се двојат од буџетот на општина Центар? Каде се потрошени издвоените пари за „Работнички“.
Мемов нагласи и дека реконструкцијата на салата на „Работничи“ е во застој и запраша дали причината е поради тоа што Герасимовски им должи на изведувачите. „Работнички“ додава тој, мора повторно да застане на здрави нозе, салата да биде завршена и претворена во модерен спортски центар, каде што младите од Центар ќе сонуваат за титули.
„Клубот да има стабилно финансирање и транспарентно работење со јасна стратегија и одговорно управување. Однесувањето на градоначалникот Герасимовски е недомакинско. Никој не смее да си игра со достоинството на „Работнички“ и на Центар. Храмот на спортот ќе биде изграден со помош на општествено одговорни компании кои го сакаат „Работнички“ и спортот. Имаме визија и план во кој ќе се вклучат истакнати поранешни и сегашни спортски работници и ентузијасти, вљубеници во кошарката и ќе придонесат најтрофејниот клуб на Центар да се издигне повторно на пиедесталот, каде што му е местото“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.
Македонија
Македонија од денес и официјално дел од СЕПА: полесни и побрзи плаќања во евра

Министерството за европски прашања информира дека од денес, 7 октомври 2025 година, Република Северна Македонија официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на SEPA под исти услови како и во Европската Унија.
Денес, со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар, истакнуваат од министерството.
Приклучувањето кон SEPA, како што е појаснето, е дел од активностите во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел да ја забрза економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку зголемен пристап до единствениот пазар, поттикнување на инвестиции и унапредување на финансиските услуги.
„Овој значаен напредок претставува конкретен резултат од заложбите на Владата и на Министерството за европски прашања на Република Северна Македонија за спроведување на европските стандарди и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите. Со имплементацијата на SEPA плаќањата, нашата земја се приближува кон европските финансиски текови и го потврдува својот континуиран напредок на патот кон членство во Европската Унија“.