Македонија
(Видео) Ковачки: Скандалите на Спасовски во МВР никако да запрат, кој треба да профитира од украденото масло од марихуана

Во рок од неколку дена на Спасовски му се случува убиство кое се обидува да го сокрие, кражба на оружје и муниција од полициски магацин во Охрид за која исто така молчи, за на крај да крие и за една од најголемите кражби во Македонија до сега – кражба на масло од марихуана во вредност од над 2 милиони евра. Сето ова се случува во период од неколку дена, а ниту еден случај немаше да добие внимание да не беа бурните реакции на медиумите, јавноста и ВМРО-ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека кражбата на масло од марихуана од просториите на фабриката на фирмата „5 летерс“, која сега е во стечај во с. Алданци, Крушево, во вредност од над 2 милиони евра е една од најголемите кражби досега во Македонија, а МВР на Спасовски 3 дена молчи. Украдени се 108 шишиња со масло од марихуана, од кои 93 се со количина од 1000 мл, додека 15 се со количина од 500 до 1000 мл.
Ковачки праша што прави Спасовски 3 дена и зошто не ги прегледа камерите од објектот? Дали му се потребни 3 дена за да изгледа снимки од неколку часа?
Дополнително се поставува прашањето, што правело приватното обезбедување и зошто не е спречена кражбата, посебно имајќи предвид дека ова не е прва кражба во фабриката.
Дали Спасовски свесно ја одолговлекува истрагата и дали маслото од марихуана веќе ја напуштило државата?
Кој e тој што профитира од нелегалната продажба на маслото од марихуана и дали Спасовски знае за истиот и затоа молчи?
Спасовски е или целосно неспособен или во целосен договор со мафијата. И во едниот и во другиот случај е неизбежно, Спасовски треба да си поднесе оставка, изјави Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.