Македонија
Ковачевски: Со реконструкција на салата „Партизан“ инвестираме во капитални објекти како трајна вредност за општеството
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска направија увид на отпочнатите градежни работи за целосна реконструкција на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, која меѓу карпошани, но и ширум државата е позната под името „Партизан“.
„Со севкупната обнова го враќаме првичниот сјај и функционалност на оваа спортска сала која е гордост за Карпош и за која се врзани дел од најубавите спомени на голем број скопјани. Токму тука се родија и афирмираа плејада спортисти од различни спортски дисциплини. Како Влада која сериозен дел од својот фокус го определува за младите и спортот, а водени од важноста која ја има овој објект, преку Агенцијата за млади и спорт инвестираме 69,5 милиони денари државни средства, за да може ‘Партизан’ да биде целосно современо и функционално уредено спортско игралиште. За да го вратиме некогашниот дух на спортски ентузијазам и да создадеме уште едно место за спортски активности на младите и на сите граѓани“, истакна премиерот Ковачевски во својата изјава на настанот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Владата дури и во услови на светска економска криза е посветена на градење капитални објекти кои се со трајна вредност за општеството.
„Инвестираме во објекти кои се од капитално значење и вредност за државата, младите и спортот. И во услови на светска економска криза не запираме да градиме капацитети со кои го подобруваме животот на граѓаните и ги поттикнуваме на спортување и рекреација, кои се важни за менталното и физичкото здравје. Вложуваме по план во секоја општина и населено место во државата, создавајќи општество со еднакви можности за сите“, рече премиерот Ковачевски.
Ковачевски дополни дека Владата и Агенцијата за млади и спорт, континуирано вложуваат и создаваат услови за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубовите и индивидуалните спортисти како што е мерката „Ваучер во спортот“, со која државата ги пренасочува дел од парите од данокот на добивка во македонскиот спорт.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски во својата изјава истакна дека денеска сите заедно сведочиме на возобновување на еден многу значаен објект во македонскиот спорт, „Наум Наумовски – Борче“, или како што скопјани се сеќаваат – салата „Партизан“.
„Култната сала „Партизан“, заслужува да блесне, да го добие потребното внимание, а карпошани и сите скопјани да си ја вратат и својата гордост, но и среќата дека овде ќе се одиграат уште многу натпревари во кои сите ќе уживаме“, нагласи директорот на АМС Наумче Мојсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

