Македонија
(Видео) Во предметот „Плацови на Водно”, Никола Груевски доби седум години затвор, Сашо Мијалков една година и 3 месеци, Камчев една година затвор
Во предметот „Плацови на Водно“ експремиерот и бегалец Никола Груевски е осуден на седум години затвор, како и на парична казна од 3.500 евра. Неговиот братучед и ексдиректор на УБК Сашо Мијалков доби една година и 3 месеци. Ристо Новачевски, кој е кум на Груевски, е осуден на условна казна, која ќе биде затвор во траење од две години, ако во наредните пет години не стори ново кривично дело. Бизнисменот Ненад Јосифовиќ исто така доби условна казна и ако во наредните пет години не стори ново кривично дело нема да одлежи две години затвор. Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев доби една година затвор. Ратка Куновска-Камчева, која беше гонета, не е осудена, бидејќи застаре делото за кое обвинителката Лиле Стефанова ја товареше.
Судењето траеше девет месеци. Судијата Илија Трпков кажа дека бавната правда е делумна правда и додаде: „Оттаму со право граѓаните очекуваат квалитетно, ефикасно и брзо завршување на постапките, бидејќи тоа е единствениот начин да се постигне специјална и генерална превенција. Имаше обвинувања од одбраната дека предметот се суди со голема брзина, но тоа беше во интерес на обвинетите особено што дел од нив беа во притвор. Пред јавноста ќе презентираме Белизе-шема која произлезе од доказите, а на која судот ѝ подари верба“.
Тој кажа дека очекувал обвинетите, сега првостепено осудени, да изразат каење, кога веќе одлучиле да не признаат вина. Груевски се гонеше дека зел еден милион од партијата ВМРО-ДПМНЕ, кои симпатизери ги донирале во партијата.

„На Груевски му биле потребни парични средства, одлучил да ги присвои партиските средства донирани од симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. За начинот на финансирање на партијата посведочи Гордана Јанкуловска, која била генерален секретар. Таа наведе дека партијата била со блокирана сметка, а партијата функционирала со донации. Кажа дека не се евидентирале сите средства, само на дел од лицата им била издавана каса-прими. И Мартин Протуѓер потврди дека во партијата имало сеф со документација, но и финансиски средства. Како течела испораката на парите од општинските комитети до централата, кажа Влатко Чинговски, кој бил курир. Мирослав Симјановски, кој донирал 100.000 евра, потенцираше дека никогаш не донирал толку пари, бидејќи не поседувал ни толкави пари. Драган Огњановски просведочи дека донирал 300.000 денари, по барање на Коце Трајановски, кој му ветил дека кога ќе дојдат на власт немал да има проблем со неговата фирма. Парите ѝ ги предал на Гордана Јанкуловска. Обвинителството достави докази до судот дека Груевски примал износ од 88.000 денари. Неговата сопруга примала износ од 60.000 денари. Во Анткетниот лист не е пријавен недвижен имот чија значителна вредност ги надминува. Груевски не примал други пари. Од постапката се утврди за кого се купувани земјиштето и становите. Одбраната не достави докази дека тоа не е така. Откако се изведоа доказите во постапката, а јавноста слушна како се зеле парите на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, но и на оние кои биле уценувани да дадат донации, очекував дека сите обвинети ќе признаат вина, или ако не признаат вина дека ќе покажат искрено каење. Не можам да не искоментирам како е можно да се брани со теза дека Алек Теранова преку секретарката ги купил за него. Ова дотолку повеќе што на влезот од зградата имало обезбедување, па сега некој би сакал да купи станови за да ги сокрие од неговата сопруга, токму врата до врата со Груевски. Сашо Мијалков неспорно е дека контактира со Ненад Јосифовиќ. Неспорно е дека контактирал со Алек Теранова, со Јордан Камчев и Мето Стојчевски. Дејствијата на Ристо Новачевски нема да ги коментирам, бидејќи не ги негираше. Ниту Јордан Камчев не ги негираше делата за кои се гони, туку ја негираше правната квалификација“, додаде Трпков.
Се осврна и на одбраната што ја даваше адвокатот на Груевски. Според Трпков, првично тој докажувал дека немал контакт со Камчев и дека биле во лоши односи, за потоа, откако излегоа аудиоснимки, да се потврди спротивното.
„Нелогично е зошто на крајот од постапката одбраната на Груевски си ја сруши својата теорија, со тоа што приложи дека Јордан Камчев и Никола Груевски разговарале. Суштината на перењето пари е да се скрие потеклото на валканите пари. Најефикасниот начин за откривање е со следење на патот на парите. На шемата се гледа како парите одат до Белизе па преку Стопанска банка АД Битола се враќаат во РС Македонија. Најбитно е обвинетите за кои ќе се докаже дека го сториле кривичното дело да бидат осудени, а тоа што незаконски го стекнале, да не остане во нивно владение. Треба да се прати порака дека никој ама баш никој нема да биде поштеден од лицето на правдата, како и дека од секого ќе биде конфискувано што е нелегално стекнато ќе биде вратено на граѓаните“, додаде Трпков.
Експремиерот и бегалец Никола Груевски е првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Тој во неколку наврати преку социјалните мрежи од Будимпешта се жалеше дека сите обвинети кои сведочеле против него, тоа го правеле затоа што биле уценети. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за кривично дело перење пари, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Обвинителката Лиле Стефанова побара од судијата Илија Трпков да му изрече највисока казна на Никола Груевски, а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената. Побарана е и конфискација на становите, за кои сведок тврдеше дека се на Груевски, а не се запишани како негова сопственост. Стефанова за Ристо Новачевски побара обвинетиот да биде условно казнет, додека за обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, обвинителката Стефанова побара минимални казни. Сите негираа вина. Во завршните зборови обвинителката Стефанова наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева, на која ѝ застаре делото за кое се гонеше.
Случајот „Плацови на Водно“ стана познат во јавноста пред точно седум години, односно во март 2015 година, кога одекнаа снимките на тогашната опозиција СДСМ за тоа како блиски лица до тогашниот премиер Никола Груевски планирале да купат атрактивното земјиште од илјадници квадратни километри, каде меѓудругото има и преубава шума.
Според документите од катастарот, три фирми ги имаа во раце атрактивните локации – фамозната компанија Ексико ДООЕЛ, КАРА и Сирах инижинеринг.
Името на Груевски не фигурираше никаде во оваа шема. Ниту, пак, името на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Единствена фирма која ѝ беше тогаш позната на јавноста е КАРА – компанија на семејството Камчеви.
Вредното земјиште беше составено од 6 парцели од вкупно 17 илјади квадратни метри. Секоја од фирмите поседуваше по 2 парцели, но најмногу имаше Сирах инжинеринг.
Но тука не заврши сè. Обвинителството во октомври годинава отвори нова истрага, за други плацови на Водно, кои се наоѓаат во близина на Шестата управа – фирмите се исти, повторно во игра се многу пари, ликовите се исти. Овој пат, сите плацови припаѓаат на фирмата Сирах инжинеринг.
Според обвинителството, плацовите на Водно кај Шестата управа се платени 1,3 милион евра, пари од донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во земјиштето на Водно. Во сето ова, тој не бил сам.
Обвинителката Лиле Стефанова докажуваше дека парцелите се купувани во време кога тие сè уште се водат како шума, а во 2012 година се менува Генералниот урбанистички план и тие се пренаменуваат во градежно земјиште, па така расте и нивната цена. Во 2013 година, на скандалозната седница во Општината Центар, случај познат како „Насилство во Општина Центар“ или „Шлаканици во Општина Центар“, се менува и Деталниот урбанистички план.
Според обвинителството, Мијалков како второосомничен, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственикот на фирмата во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање.
Новачевски, според обвинителството, во својство на управител на „Сирах“ извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на вредното земјиште со вкупна површина од 11 илјади квадратни метри.
Тој понатаму ја пренесува сопственоста на друго правно лице, во случајов на фирмите поврзани со Камчеви, кои понатаму ја преименуваат фирмата за да се изгуби трагата на вистинскиот сопственик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.
Македонија
Детален список: каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење
Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше прикачен на ЕНЕР и има за цел системска заштита на јавното здравје и намалување на една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава – пушењето.
Целосна забрана за пушење во речиси сите јавни и работни простори
Со предлог-законот се воведува целосна забрана за пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во:
1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
9. Во приватно возило во присуство на дете;
10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
„Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.
Драстични ограничувања за рекламирање и промоција
Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на продажбата на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин.
Посебно внимание се посветува на медиумската и уметничката содржина. Прикажувањето на пушење во филмови, серии, телевизиски програми, видеоигри и интернет содржини ќе биде строго ограничено, а дозволено само во случаи кога е неопходен дел од уметничката концепција за возрасна публика, и тоа со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно.
Забрана за ароми и вкусови – крај за ментол и овошни никотински производи
Една од најстрогите одредби се однесува на целосна забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Ова ги опфаќа и електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.
Според предлогот, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и ја зголемуваат веројатноста за рано создавање зависност од никотин.
Строги правила за продажба и изложување
Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Тутун и никотин нема да смеат да се продаваат во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.
Изложувањето на цигари и други производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането. Тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.
„Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се вели во предлог-законот.
Високи казни и затворање објекти
Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи и Управата за извршување на санкции, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во согласност со надлежностите утврдени со закон.
Предлог-законот предвидува високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат овластување да изречат и привремена забрана за вршење дејност – до три месеци за правни лица кои не ја почитуваат забраната за пушење.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 18:30 часот.
Источен регион – Штип
Во моментов нема позначителни врнежи, а водостоите на реките се во опаѓање. Активностите за средување на коритото на Оризарска Река во Чешиново–Облешево ќе продолжат во понеделник. Поради претходните врнежи има зачестени одрони и свлечишта, особено на патниот правец Истибања – Делчево и кон граничниот премин. ЈП „Македонија Пат“ и СВР Штип ги одржуваат патиштата проодни.
Скопски регион
Нема нарушување на редовната состојба поврзано со обилните врнежи од дожд.
Југозападен регион – Охрид и Струга
Во Охрид, Кризниот штаб е на терен и ги контролира критичните точки. Регистрирано е излевање на реката Сушица кај ул. Прилеп, каде се интервенира со багери и се прават насипи. Во селата Орман и Дебелополе реката Далјан е со максимален водостој, но без излевање. Кај с. Вапила, надојдената вода го подјадува патот под мостот кон селото Ливоишта и ќе се интервенира со механизација. Поплавени се поголем број подрумски простории.
Во Струга се пријавени поплавени дворови во четврти реон на Мислешевски пат, како и повеќе куќи во с. Мислешево и дворови во с. Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а состојбата е пријавена до Општина Струга и ДЗС Струга.
Дебар
Реката Радика има зголемено, но стабилно ниво, без опасност од излевање. Сите патни правци се проодни. Забележани се помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат. Се спроведуваат повеќекратни теренски контроли во текот на денот.
Кичево
Водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но под нивото на излевање. Најкритично е кај ул. Прилепска, каде состојбата со 125 поплавени објекти е непроменета. Евакуирани се околу 150 лица и се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Екипи на ЈП „Комуналец“, ДЗС и приватни фирми работат на насипи, проширување и чистење на речното корито. За евакуираните лица е обезбедена храна, медицинска грижа, облека и основни услови за престој.
Битолско–Пелагониски регион
Во Битолско–Пелагонискиот регион се регистрирани повеќе последици од поројните врнежи, при што надлежните служби интервенираат на повеќе локации.
Поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон село Мренога. ЈП „Комуналец“ превентивно интервенира во населбата Мургашево со проширување на речното корито со цел заштита на околните куќи.
Поради поројните врнежи во изминатите денови дојде до поматување на водата за пиење, поради што се препорачува истата да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на реката Црна кај с. Бучин беше покачено, но е стабилизирано и во моментов не постои опасност од излевање. За превенција, ЈП „Комуна“ ги зајакна и поткрена насипите на критичните точки.
Во општина Крушево е пријавено излевање на Крушевска Река кај мостот на патот Кривогаштани – Светомитрани. По координација со општина Кривогаштани договорена е интервенција според потребите на терен.
Во општина Долнени е пријавена штета кај жител на с. Лажани, каде се поплавени двор и приземни простории, со оштетувања и на земјоделски култури. Поплавувања се евидентирани и во селата Пешталево и Лажани поради неисчистени канали, при што интервенирано е со градежна механизација за расчистување.
Во повеќе села се регистрирани поплавени земјоделски површини:
с. Кравари – заезерени 10–20 хектари земјоделско земјиште (без опасност по објекти),
с. Жабени и с. Породин – во текот на денот беа поплавени околу 70–80 хектари, по што водата постепено се повлече.
Излевање е евидентирано и кај Елешка Река, каде беа поплавени околу 50 хектари земјоделски површини, но до попладневните часови водата се врати во коритото.
Поради оштетувања од водата, патот кон Буковски манастир беше разорно раскопан, но по интервенција на ЈП „Нискоградба“ патот е саниран и пуштен во употреба. Активни се и интервенции на свлечишта кај селата Буково, Горно Ореово и Бистрица, како и чистење на канали и речни корита на повеќе локации.
Како последица на врнежите, на повеќе места се поплавени земјоделски површини, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Во општина Ресен ангажирани се сите расположливи градежни машини и пумпи за црпење вода и прочистување на критичните точки.
Југоисточен регион – Струмица
Нема пријави за штети, излевање на реки или одрони. Врнежите се со послаб интензитет и состојбата е стабилна.
Североисточен регион – Куманово
Нема нарушување на редовната состојба. Реките се во коритата, а патиштата се проодни по влажни коловози. Во моментот има врнежи од дожд.
Полошки регион – Тетово
Нема пријави за материјални штети. Врнежите од снег се со слаб интензитет. Пријавени се локални проблеми со електрична енергија во делови од Гостивар, каде интервенираат екипи на ЕВН. Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Мавровска раскрсница – Маврово – Дебар.

