Македонија
Сончево и топло со температури до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Претежно во северните делови ќе има услови за краткотрајна изолирана нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 23 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб претежно југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 26 степени.
Следува период на посончево време со повремено зголемена попладневна облачност проследена со услови за изолирана нестабилност, краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе се одржува потопло со температури кои од утре на повеќе места ќе надминуваат 25 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oтворен е конкурсот за ЕУ наградите за истражувачко новинарство
Отворен е конкурсот за „Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство 2024“.
ССНМ ги поканува сите новинари од Македонија кои имаат објавено истражувачки стории во текот на претходната календарска година да се пријават за ЕУ наградата за истражувачко новинарство. Наградата има за цел да ја подобри слободата на изразување, да го подржи владеењето на правото и да фрли светло на различни прашања кои влијаат на националните и регионалните случувања. Тоа може да вклучува организиран криминал, корупција, екстремизам, странски влијанија, прекршување на човековите права (вклучувајќи и во онлајн сферата), и други суштински прашања од јавен интерес.
Како дополнување на националните награди, втора година по ред ќе биде доделена и регионална награда за истражувачко новинарство. Регионалната награда има за цел да поддржи разработка на прашања од прекугранично значење и да адресира предизвици кои регионално влијание.
Годишниот награден фонд за Македонија изнесува 10.000 евра. Дополнително, наградниот фонд за регионалните награди изнесува исто така, 10.000 евра. Ќе бидат избрани три најдобри стории на национално, и три на регионално ниво, при што паричните награди изнесуваат по 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ место и 2.000 евра за трето место.
Секој кандидат може да пријави свои стории за националната, за регионалната или и за двете награди. Еден кандидат на конкурсот може да пријави најмногу три стории.
Жири-комисијата ја сочинуваат локални и меѓународни експерти, уредници, академици и искусни новинари, со цел да се обезбеди фер и строг процес на оценување. Оваа година членовите на жири-комисијата за националната награда ќе имаат ексклузивно право сториите кај кои ќе препознаат регионална вредност да ги предложат и за регионалната награда, дури и во случај тие стории при аплицирањето да не биле пријавени за тој конкурс. Доколку пријавените не освојат една од трите награди на националниот конкурс, сепак може да се натпреваруваат за регионалната награда доколку ги исполнуваат критериумите.
Конкурсот за ЕУ наградата за истражувачко новинарство 2024 го организира „Томсон Mедија“, а спроведувач во Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), организации со децениско искуство во развој на медиумите, промоција на правата на новинарите и професионалното новинарство.
Како и минатата година, конкурсот е дел од проектот „Зајакнување на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција 2“, кој има за цел подобрување на видливоста на квалитетното новинарство во регионот.
Овој проект е финансиран од Европската Унија и е спроведуван од конзорциум кој го сочинуваат Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) – Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).
Рокот за поднесување апликации е 13 јуни, 2024 до полноќ.
За повеќе детали за процесот, како и за потребните документи за аплицирање кликнете тука.
За дополнителни прашања пишете на електронската пошта: [email protected]
Скопје
Герасимовски: Се финализира доградбата на ООУ „Коле Неделковски“
Со поставување на фасадата привршуваат градежните работи на доградбата на ООУ „Коле Неделковски“. Доградбата на училиштето опфаќа 6 училници, од кои 4 ќе бидат за настава, 2 кабинета, една библиотека и една просторија за администрација. Во доградениот дел исто така поставена е и рампа за лица со попреченост, а во тек е и поставување на лифт за лица со инвалидитет како и тоалет за нивните потреби во приземниот дел. Градежните зафати на фасадата треба да завршат за дваесетина дена со што дополнителниот дел ќе се вклопи во целосниот лик на училиштето. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски беше на увид на објектот кој треба да биде готов до почетокот на учебната година во септември.
„Со доградбата на капацитетите на училиштето Коле Неделковски се отвора простор за упис на околу 100 нови ученици. Истите наставата ќе ја следат во училници кои се соодветни на модерните услови во кои треба да се одвива образованието. За нас инклузивноста е клучна затоа во проектирањето планиравме и пристапна рампата и лифт за лица со попреченост со цел истите да имаат непрeчен пристап во училиштето’’, рече Герасимовски.
Според надлежните, проширувањето на капацитетите во ООУ „Коле Неделковски“ се изведува согласно сите современи стандарди, дел од фасадата е структурална, а прозорците се алуминиумски со висок квалитет. Оваа инвестицијата во училиштето е прва после 66 години од неговото отворање. Општина Центар ќе продолжи да вложува во унапредување на условите за воспитување и образование на децата според модерни, европски и светски стандарди.
Македонија
Oбединетата македонска дијаспора: Инаугурацијата на Силјановска е историска
Организацијата Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), и честита на професорката Гордана Силјановска Давкова за нејзината значајна инаугурација како прва жена претседател на Македонија.
„Претседателката Силјановска Давкова на историската церемонија го реафирмираше уставното име на нашата Македонија, потврдувајќи го основното право на Македонците на самоопределување. ОМД ја поздравува нејзината непоколеблива заложба за зачувување на нашиот национален идентитет и суверенитет, чувство што се повторува во нејзините обемни придонеси, вклучително и основниот труд „За „Договорот од Преспа“ и понатаму“, објавен од ОМД во октомври 2018 година, достапен на нашата веб-страница со кликнување овде.
Во оваа значајна пригода, додека го славиме Денот на мајката, ОМД упатува срдечни честитки не само до претседателката Силјановска Давкова, туку и до сите извонредни мајки ширум светот. Денешниот ден симболизира не само триумф на родовата еднаквост, туку и доказ за силата и издржливоста на жените лидери насекаде.
Историската победа на претседателката Силјановска Давкова означува ново поглавје во патувањето на Македонија, влевајќи надеж и оптимизам за посветла иднина. ОМД со нетрпение очекува да соработува со нејзината администрација за зајакнување на врските меѓу македонската дијаспора и нашата татковина, поттикнувајќи просперитет и напредок за генерациите што доаѓаат.
Додека ја славиме оваа значајна пригода, да ја потврдиме нашата посветеност на единството, напредокот и трајниот дух на македонскиот народ“, се наведува во реакцијата.
Обединета македонска дијаспора (ОМД) е водечка меѓународна невладина организација која се занимава со интересите и потребите на Македонците и македонските заедници ширум светот. ОМД работи на промовирање на кохезивна глобална македонска заедница.