Топ
Починато лице пронајдено во хотелска соба во Центар

Вчера во 21.50 часот во СВР Скопје, Б.И. пријавил дека во хотел на подрачјето на Центар каде од 22.04.2022 во една од собите престојувал неговиот пријател И.И.(46) од Скопје, истиот не ја отварал вратата од собата, ниту пак усно одговарал.
Пријавителот заедно со полициски службеници од Полициската станица Центар ја отвориле вратата од собата, каде го пронашле починат И.И.
Констатирана била смрт од страна на лекар од Итна медицинска помош.
Извршен бил увид, а по наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било дадено во Институтот за судска медицина, за обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Во изминатите седум години имаме 17.000 ученици и 7.000 студенти помалку, се празнат училниците

Во седум изминати години имаме 17.000 ученици и 7.000 студенти помалку. Училниците и амфитеатрите се празнат. Ако тоа не се спречи, државата не може да гледа перспективна иднина, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната конференција со наслов „Демографски предизвици и можни решенија“.
„Образованието и науката не смеат да бидат фактор за иселување. Мора да бидат сфери кои ќе им овозможат на младите квалитетен процес за лична наобразба, но и сфери каде тие ќе остваруваат работен ангажман, во образовните и во научните установи“, рече Јаневска, додавајќи дека за повеќе образовни и научни можности, буџетот на министерството оваа година е најголем досега.
„Го јакнеме ученичкиот и студентскиот стандард. Воведовме мерки и финансиска поддршка која во минатото не постоеше, особено за талентираните деца да можат да учествуваат на големи натпреварувања. Го зголемивме обемот на стипендиите, проширивме опфат на повеќе ученички и студентски права. Го усогласуваме образованието со потребите на пазарот на труд, за да можат младите во кратко време да најдат работа и економски да се осамостојат“, рече министерката, додавајќи дека во фаза на изработка е нов Закон за високо образование кој ќе предвиди можност за вработување на најдобрите студенти од секоја генерација на државните универзитети.
Информираше дека двојно е зголемена поддршката за науката и за научно – истражувачки проекти кои се во корелација со целите на Стратегијата за паметна специјализација, потенцирајќи дека младите научници веќе ги знаат и областите во кои има повеќе можности за просперитет и за придонес кон развој на државата.
Македонија
Предлогот на Мицкоски за даночење на самците кореспондира со идеите од авторитарни режими, реагира Мрежата за заштита од дискриминација

За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, претседателот на Владата, Христијан Мицковски, изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и за немажени лица. Според Мрежата за заштита од дискриминација, таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и за принципите на еднаквост и слобода.
Мрежата оценува дека ваквата најава, односно идна мерка, не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска бидејќи ги крши човековите права, односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина, го стигматизира секој што не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности, ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние што се социјално и економски ранливи и не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост.
„Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија“, велат од таму.
Според Мрежата за заштита од дискриминација, ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите што доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградните наративи имаат цел насилно зголемување на наталитетот.
„Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики што ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство. Животниот стил не е основа за даночење. Во демократска и современа држава бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска“, велат од Мрежата.
Од таму ја повикуваат Владата како орган што е овластен предлагач на закони и политики да се воздржи од иницијативи што поттикнуваат дискриминација, а институциите да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус.
Топ
Драма во Шуто Оризари – насилници со палки, боксови и со клоци претепале вработен во „Водовод“

Тројца насилници со железни и дрвени палки, клоци и боксови претепале вработен во „Водовод“ пред пунктот на претпријатието во Шуто Оризари. Жртвата со тешки повреди и скршеници е пренесен во болница. Едниот насилник е уапсен, останатите двајца се во бегство.
Обвинителството отвори истрага против лицата.
„На 2 јуни, пред пункт на „Водовод“ во населбата Шуто Оризари, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз еден оштетен вработен во пунктот. Додека тој го паркирал возилото пред влезната врата на објектот, тројцата осомничени го нападнале од зад грб, видно агресивни без посебен повод или причина. Започнале да го удираат со дрвени и железни палки, клоци и боксови по главата и по телото, нанесувајќи и на жртвата тешки телесни повреди – фрактури на повеќе коски. Со насилството била предизвикана вознемиреност и страв и кај други лица – сведоци на настанот“, соопшти Обвинителството.
До овој момент, уапсен е еден од осомничените, 29-годишник за кого јавниот обвинител денеска поднесе предлог за определување мерка притвор до Судот, поради можноста да се даде во бегство, да го повтори делото или да влијае врз сведоците и врз оштетениот.
Останатите двајца осомничени се идентификувани, станува збор две лица од Сингелиќ на возраст од 38 и 40 години, но се во бегство од моментот на извршување на делото, па јавниот обвинител издава насоки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода.