Македонија
Османи-Лирман: ЕУ треба да ја демонстрира улогата на геостратешки играч и да го потврди проширувањето

Министерот за надворешни работи Бујар Османисе сретна со државната министерка на Германија надлежна за Европа, Ана Лирман.
Соговорниците се согласија дека ефектуирањето на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија од март 2020 година е исклучително неопходно во дадениот момент, доколку Европската унија сака да го задржи својот кредибилитет, пред се во регионот. Соочена со безбедносни ризици во своето непосредно соседство, предизвикани со руската агресија врз Украина, ЕУ треба да ја демонстрира својата зацртана улога на геостратешки играч и да го потврди проширувањето како корисна алатка на нејзината надворешна и безбедносна политика.
„ Северна Македонија одамна ги исполни сите услови за старт на преговорите и дополнително, постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, придружувајќи се кон сите санкции во поглед на руската инвазија на Украина, и време е и Европската унија да покаже подеднакво ниво на посветеност кон државите од Западниот Балкан кои веќе се однесуваат како ЕУ членки“, истакна министерот Османи.
Двајцата министри подвлекоа дека деблокирањето на нашиот пат кон ЕУ, без одлагање, е од првостепена важност, за што Германија ќе продолжи, како и досега, активно да се залага.
„ Германија е наш клучен партнер во остварувањето на европската агенда, која конзистетно не поддржува и ни помага на патот кон ЕУ преку дипломатски напори, но и преку поврзувањата кои ги нуди Берлинскиот процес и 30-годишната билатерална развојна соработка“, подвлече министерот Османи.
Во рамки на работната посета, министерот Османи оствари одвоени средби и со советниците на канцеларот Шолц, за надворешна политика, Јенс Плотнер и за ЕУ прашања, Ундине Руге, на кои стана збор за итноста од деблокирање на евроинтегративниот процес на нашата држава. Министерот Османи се заблагодари за позиционирањето на прашањето за проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан високо на агендата на германската Влада. Соговорниците од германска страна ја реафирмираа позицијата на Германија во поглед на нашето ЕУ досие и се заложија проактивно да помагаат во остварувањето на првенствениот надворешно-политички приоритет за Северна Македонија, кој истовремено претставува и геостратешка инвестиција на ЕУ во име на безбеден, стабилен и просперитетен регион во срцето на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните источни планински региони ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови следува период на топло време. Во недела ќе се задржи сончево со мала до умерена облачност, а од понеделник променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.
Македонија
Дел од Центар без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваat дека денеска ( сабота ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 11.00 до 12.30 часот, корисниците од ул. Јордан Хаџи Константинов – Џинот лоцирани кај ул. Крсто Баиќ, корисниците од ул. Кеј 13 – ти Ноември лоцирани кај ресторан Парк, како и корисниците од ул. Ленинова лоцирани спроти Министерството за Земјоделство. ( општина Центар )
Македонија
МОН: Платите во училиштата од овој месец се зголемени за седум проценти и ќе продолжат да растат

Платите на наставниците и директорите во основното и средното образование од овој месец се зголемени за 7% и ова е второ зголемување во мандатот на актуелната Влада, откако претходно во октомври 2024 година беа зголемени за 5%. Повеќе никој не зема плата под минималната, како што беше тоа случај во минатото со техничкиот персонал, соопшти Министерството за образование и наука.
Реакција на МОН како што велат е поттикната од лагите кои денеска ги изнесе политичката партија Левица, за наводно енормно зголемување на платите на директорите на основните и средните училишта, споредбено со зголемувањето на платите на наставниот кадар.
„Платите на директорите и наставниците се зголемени во просек од околу 2500 до 3500 денари, во зависност од звањето, стажот и степенот на образование“.
Потсетуваат дека веќе е направен план за долгорочен раст на личните примања кои во период од 4 години ќе пораснат најмалку за 46% а најмногу до 60%, зависно од степенот на инфлација.
„Левица оспорува договор помеѓу социјални партнери, односно институција и синдикат и изразува непочитување кон нив, како и кон целата јавност со обидите за манипулација и собирање политички поени“, истакнуваат од МОН.