Регион
САД ја повикуваат Турција да го ослободи активистот Осман Кавала

САД соопштија дека се длабоко разочарани и сериозно загрижени од пресудата против турскиот бизнисмен и активист за човекови права Осман Кавала, кој вчера беше осуден на доживотен затвор.
„Неговата неправедна пресуда не е во согласност со почитувањето на човековите права, основните слободи и владеењето на правото. Повторно ја повикуваме Турција да го ослободи Осман Кавала“, се вели во вчерашното соопштение на американскиот Стејт департмент.
Беше речено и дека официјален Вашингтон останува сериозно загрижен поради континуираното судско вознемирување на граѓанското општество, медиумите, политичките и деловните лидери во Турција.
Кавала (64) повеќе од четири години е во затвор без пресуда. Тој ги негира обвиненијата против него и 15 други обвинети за протестите во Гези, кои почнаа како мали демонстрации во паркот во Истанбул и прераснаа во антивладини немири во целата земја, во кои беа убиени осум демонстранти.
Турскиот суд го прогласи Кавала за виновен и го осуди на доживотен затвор за обид за соборување на владата преку финансирање протести во земјата во 2013 година, а неколку други обвинети беа осудени на 18 години затвор за помагање и поттикнување обид за соборување на владата.
Судот исто така соопшти дека одлучил да го ослободи Кавала од обвиненијата за шпионажа поради недостиг на докази, објави „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Силен земјотрес во близина на Крит: ги вознемири жителите на островот

Силен земјотрес денес го погоди подрачјето во близина на брегот на Крит.
Епицентарот на земјотресот се наоѓа 31 километар источно-североисточно од Закрос на овој остров, објавува грчкиот „Прототема“.
Земјотресот се случил во 20:46 часот по грчко време, а сеизмичкиот потрес имал јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, според Геодинамичкиот институт.
Длабочината на која се наоѓал епицентарот на земјотресот била 7,8 километри, објавуваат медиумите.
Регион
(Видео) Невреме во Србија: превртен камион, откорнати дрвја, поплавени улици

Силно невреме, проследено со јак ветер и дожд, денес зафати делови од Србија.
Само во Белград, ветерот собори дрвја и гранки на повеќе од 50 локации.
На социјалните мрежи беа објавени бројни видеа од паднати дрвја и скршени гранки.
Силниот ветер што дуваше во Нови Сад собори дрво.
Силен ветер дуваше и во Белград, а повремено имаше врнежи проследени со грмотевици.
Силна бура го погоди и Зрењанин.
Ветрот кршеше гранки од дрвјата, а поради дождот, водата остана на патиштата.
Налети на ветер превртеа камион кај Зрењанин, според написите во медиумите од регионот.
Регион
(Видео) Големо невреме во Загреб, ветерот крши ролетни, урива дрвја

Голема промена на времето пристигна во Хрватска. Бура го погоди Загреб околу 10 часот наутро. Како што известуваат хрватските медиуми, ветерот дува силно и ги кине ролетните на куќите. Грми, врне и дува силно во целиот град.
Портокалова тревога е во сила за регионите Славонија, Истра, Кварнер и во Далмација, а жолта тревога е во сила за остатокот од Хрватска.
Температурите во делови од земјата ќе паднат за повеќе од 10 степени во споредба со вчера.