Европа
Антонио Гутереш со жестока реплика за Лавров на заедничката прес-конференција

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во Москва се сретна со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
По средбата, се одржа прес-конференција на која Лавров рече дека генералниот секретар на ОН е многу добро информиран за целите на руската специјална воена операција во Украина. Тој рече и дека конфликтот е опасен повик за будење за ОН и ја обвини меѓународната организација дека се обидува да ги промени основните правила на својата повелба.
Гутереш нагласи дека ОН се подготвени целосно да ги мобилизираат своите човечки и логистички ресурси за да помогнат во спасувањето животи во Мариупол.
Опишувајќи ја ситуацијата во градот како криза во криза, тој предложи ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – заедно со руските и украинските сили – да соработуваат за да им овозможат на луѓето да одат во која насока самите ќе изберат.
По жалбата на Лавров дека ОН не се вклучиле по однос на, како што ги нарече, украинските злосторства во Луганск и Донецк, Гутереш се вмеша и го кажа своето мислење.
Тој рече дека разбира оти Русија има многу жалби, но дека има голем број механизми со кои може да се решат жалбите.
„Постои една работа што е вистина и очигледна и која ниту еден аргумент не може да ја смени“, рече Гутереш. „Немаме украински војници на територијата на Руската Федерација, но имаме руски војници на територијата на Украина“, додаде генералниот секретар на ОН.
Тој исто така ги негира тврдењата на Лавров дека ОН се обидуваат да ги пречкртаат основните правила од својата повелба велејќи дека групата целосно ги почитува сите резолуции на Генералното собрание и Советот за безбедност.
Изразот на лицето на шефот на руската дипломатија му беше леден по говорот на Гутереш, пренесуваат светските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин