Македонија
Спасовски: Исклучителни резултати во сообраќајната безбедност, борбата со трговијата со дрога и опремувањето на полицијата
Ова раководство на МВР во изминатите 100 дена работеше на континуирана реализација на приоритетот за создавање модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ја гарантира целосната лична и имотна сигурност на граѓаните, ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи на превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејства“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по повод сработеното во првите 100 дена од работењето на оваа Влада.
Спасовски потенцира дека оваа Влада и раководството на МВР се исклучително свесни дека за етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста во интерес на сите наши граѓани, континуирано мора да се вложува во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници.
„Трендот на квалитативно подобрување на условите за работа останува приоритет на ова раководство на МВР и за тековната 2022 година бидејќи секое вложување во полицијата значи задоволни полициски службеници, што за возврат претставува унапредување на севкупната безбедност на граѓаните. Така, во овие 100 дена се набавија нови 8.000 виндјакни за припадниците на полицијата, а кон крајот на првиот квартал беа испорачани вкупно 16.000 летни и зимски панталони и здолништа за припадниците на полицијата, со вредност од 31.008.559 денари, со вклучен ДДВ, во согласност со планот за јавни набавки на униформи за 2021 година“, истакна министерот Спасовски.
Тој дополни дека испорачаните униформи во текот на изминатите 100 дена вклучуваат по 6.452 машки зимски и летни панталони, по 758 женски зимски и летни панталони и по 790 зимски и летни здолништа, како и 10.000 кожени ремени за полицијата.
Во контекст на постојано унапредување на материјално-техничките услови за работа на полицијата, министерот истакна дека во овие 100 дена склучен е договор за набавка на соларни панели за 15 локации во државата во износ од 30 милиони денари, со вклучен ДДВ, како и промовирањето на трите реконструирани објекти – ОВР Прилеп, ЕВР Карпош, зградата на Шестата управа и ОВР Радовиш, како продолжение на низата од вкупно 73 досега реновирани објекти од страна на актуелното раководство на МВР.
„Во периодот од 100-те дена во областа на недозволената трговија со дрога се постигнати забележителни резултати, при што реализирани се повеќе случаи на заплена на наркотична дрога, сузбиени се осум организирани криминални групи составени од 33 лица (28 македонски државјани, четири косовски и еден албански државјанин), со кои се спречени четири меѓународни транспорти на марихуана, еден меѓународен транспорт на прекурсори, спречени се улични дилерства на кокаин во Тетово и на кокаин и марихуана на подрачјето на Кавадарци и Неготино, а откриена е и група што инсталирала нелегална лабораторија за производство на синтетички дроги во Р. Бугарија“, издвои дел од резултатите министерот Спасовски во борбата со недозволената трговија со дрога.
Спасовски додаде дека со цел сузбивање улично дилерство на наркотични и синтетички дроги и недозволена трговија со огнено оружје, врз основа на изготвен план, кон крајот на март извршени се претреси на вкупно 40 локации, на кои беа пронајдени и одземени поголема количина марихуана (околу три килограми), хероин, амфетамин и др., а беше пронајдена и импровизирана лабораторија за производство на канабис на подрачјето на ОВР Гевгелија, при што во текот на акцијата беа приведени над 20 лица.
Во делот на сообраќајната безбедност, ако 2021 година заврши како година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години – 116, при што најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје како подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќот, податоците од првото тримесечје во 2022 година, односно од првите 100 дена на оваа Влада, покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.
„Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е 10 помалку во споредба со истиот период лани, кога имало 28. Само во март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16 – значи бројката е дури четирипати помала во март 2022. Резултат на зајакнатите контроли се регистрираните 54 илјади прекршоци во овие 100 дена, во најголем дел за брзо возење – 22 илјади прекршоци“, потсети министерот Спасовски.
Тој порача дека актуелното раководство на МВР продолжува со имплементација на стратешки поставените приоритети за опремена и мотивирана полиција во служба на граѓаните, безбедни сообраќајници за помалку жртви во сообраќајот, сузбивање на криминалот со дрога за безбедни генерации и законски реформи за поголема ефикасност на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Центар, Кисела Вода, Сопиште, Гази Баба и Карпош
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.00 до 16.00 часот, корисниците од ул. Мирослав Крлежа лоцирани позади грчка амбасада, како и стамбените објекти и локалите на бул. Партизански Одреди од бр. 19 до бр. 23, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 13. 40 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани на потегот од маркет Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. 8, како и дел од корисниците од ул. 12 во село Долно Соње, општина Сопиште;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улиците 30, 36 и 38 во населба Трубарево, општина Гази Баба;
– во периодот од 09.30 до 12.00 часот, корисниците од бул. Партизански Одреди бр. 70Б – ТЦ АЛУМИНКА, општина Карпош;
-во периодот од 11.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Женевска, општина Карпош.
Македонија
Времена измена во сообраќајот на делницата клучка Миладиновци – клучка Петровец
На 23/24.02.20026 на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци – клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички изведувања од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром, во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

