Македонија
Милошоски: Изјавата на Петков дека ветото треба да се одложи е рефлексија на сервилната политика што ја води Владата

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денес заедно со градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димче Атанасовски, извршија увид на градежни активности на реконструкција на пат во населеното место Тодоровци, општина Македонска Каменица, при што беше дадена и изјава за медиуми.
Запрашан во врска со изјавата на бугарскиот премиер Петков дека ветото не треба да се укине, туку да се помести, Милошоски истакна дека ваквите изјави се само рефлексија на неконзистентната и сервилна политика што ја води македонската Влада и наместо да понуди решение, нуди блокада на рати.
„Коментарот на бугарскиот премиер е само рефлексија на една неконзистентна и би рекол сервилна политика, која ја гледаме кај македонската Влада во изминативе 3-4 години. Колку повеќе сте сервилни, толку повеќе ве притискаат. И овој став на бугарскиот премиер не е решение, туку е само една, би рекол, блокада на рати. Најавена блокада, која нема да се случи еднаш, туку ќе се случува десетпати во следните 10 години и затоа сметам дека Македонија треба да има поцврст став и да изградиме една национална заедничка линија“, потенцира Милошоски.
Тој исто така го повика премиерот Ковачевски, наместо да се крие зад министерот за надворешни, да оди во Собранието и да ги презентира документите за кои се преговара со Софија со цел да се изгради посериозен став за ова прашање.
„Уште еднаш користам можност, премиерот Ковачевски да не се крие зад министерот за надворешни работи, туку да дојде во Собранието и на затворена седница да ги покаже нацрт-документите што ги преговараат со Софија за да можеме сите како народни избраници да изградиме заедничка линија и да имаме посериозен став кон Софија. Колку ќе бидеме посериозни, толку повеќе ќе нè почитуваат. Ако бидеме посервилни, само ќе ги одлагаме овие блокади и понижувања што станаа преголем товар“, додаде Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце за излез од државата се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците на улица Филип Богдански, општина Аеродром;
· од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од дел од улицата Црноризец Храбар, од бр. 2 до бр. 20., општина Аеродром.
Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност, температурата до 32 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за локален слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 25 до 32 степена.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Времео во наредните денови
Во вторник претежно во планинските региони ќе има услови за локален слаб дожд. Дневните температури ќе бидат малку под просекот за овој период од годината. Од средината на следната седмица времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.