Регион
Генерал на армијата на БиХ осуден на осум години затвор поради воени злосторства на муџахедините во БиХ

Судот на Босна и Херцеговина го осуди пензионираниот армиски генерал на БиХ, Сакиб Махмуљин, на осум години затвор во повторенa постапка по прогласувањето за виновен за командна одговорност за воени злосторства извршени од доброволци од исламските земји.
За време на војната од 1992 до 1995 година, Махмуљин бил командант на Третиот корпус на Армијата на БиХ, чија област на одговорност била пошироката област на централна Босна. Во корпусот била вклучена и единицата „Ел Муџахедин“, во која имало борци од афроазиските земји што пристигнале во БиХ како воини мотивирани од религијата.
Обвинението го товари Махмуљин дека не спречил убивање и малтретирање цивили и воени заробеници од страна на членовите на единицата „Ел Муџахедин“. Според обвинението, во летото и есента 1995 година тие малтретирале, а потоа убиле најмалку 50 припадници на војската на босанските Срби, кои претходно ги заробиле.
Во првостепената постапка Махмуљин исто така беше прогласен за виновен, а потоа осуден на десет години затвор, но одбраната и Обвинителството поднесоа жалба на пресудата барајќи ослободителна пресуда, односно построга казна.
Одбраната упорно оспоруваше дека Махмуљин имал вистинска командна моќ над исламските доброволци тврдејќи дека единицата во која тие дејствувале биле целосно автономна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик се огласи по пресудата

Милорад Додик, по пресудата, со која беше прогласен за виновен, изјави дека нема причина за загриженост.
„Мора да бидеме весели. Една година сум осуден на нивните с****, на нивниот затвор. Тие велат дека сум виновен, а сега луѓето тука ќе објаснуваат зошто не сум виновен“, рече Додик пред Народното собрание во Бања Лука.
„Значи, нема причина за грижа, научив да се справувам со потешки работи, па ќе го надминеме и ова. Важно ми е да сте тука и да ме поддржувате“, рече Додик.
Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС.
Регион
Додик осуден на една година затвор

Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење службена или политичка функција.
Станува збор за првостепена пресуда, која засега не е правосилна, а таква ќе стане кога и одбраната и Обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година.
Ако правосилната пресуда е иста како првостепената, тоа значи дека Додик нема да може да извршува никаква официјална или политичка функција во наредните шест години.
Кога станува збор за директорот на „Службен весник на Република Српска“, Милош Лукиќ, тој беше ослободен од сите обвиненија.
Во 2023 година Националното собрание на РС усвои закон според кој одлуките на високиот претставник во БиХ,нема да се објавуваат во „Службен весник на РС“, ниту ќе се спроведуваат во тој ентитет. Набргу потоа, високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, го поништи законот, но Милорад Додик потпиша указ за прогласување на законот.
Во меѓувреме, високиот претставник го измени и Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот во спроведувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело. Обвинителството поднесе обвинение против Додик и директорот на „Службен весник на Република Српска“, Милош Лукиќ.
Регион
Брнабиќ: Се надевам на враќање на наставата, високообразовниот систем е во ризик

Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека со донесувањето на законот за високото образование ќе се исполни четвртото барање на студентите во блокадата и изрази надеж дека факултетите ќе се вратат на наставата.
Како што наведе таа, блокадите го загрозуваат постоењето на високообразовниот систем.
Брнабиќ рече дека треба да се земат предвид 230.000 семејства во Србија кои имаат студенти и додаде дека се надева оти ќе има доволно одговорни декани и дека студентите во блокадата ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата и дека нивните одлуки може да ги загрозат животните шанси на некои од нивните колеги.
„Да не се залажуваме повеќе, ќе го доведеме во опасност целиот систем на државни универзитети во Србија, ќе го загрозиме постоењето на нашиот државен високообразовен систем“, изјави Брнабиќ.
Таа изјави дека по две дополнителни спецификации од студентите во блокадата, ќе се донесе законот за високо образование, со што ќе се исполни четвртото барање на студентите во блокадата, кое се однесува на зголемување на буџетските издвојувања за факултетите.
Српската влада во вторникот го усвои предлогот за измени на Законот за високото образование и го испрати до парламентот, а Брнабиќ потоа на прес-конференција најави дека седницата за разгледување на законот ќе почне на 4 март.