Македонија
Мицкоски бара лидерска средба за излез од кризата: Македонија ја има сѐ помалку, а народот гладува
Oваа Влада нема легитимитет ниту, пак, има нови 100 дена затоа што таа најавтентично ги продолжи сите неуспеси и сите погрешни политики на Владата, која речиси 5 години ја уништува Македонија. Процес во кој Македонија ја има сѐ помалку, а животот е сѐ потежок – во економијата, земјоделството, образованието, здравството, енергетиката, надворешната политика, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Никогаш повеќе немало ѕидови на поделби, на наши и ваши, на припадници на една заедница наспроти припадници на друга заедница како во овие 100 дена. Повторно се разговара за проценти, се пребројуваме, се зборува за Бадинтер, за балансер. Имаме борба на тоа чиј триумф на суети е поголем во време кога Македонија и народот на Македонија, за жал, ги има сѐ помалку. Овие 100 дена имаме целосно разградување и разграбување на она што преостана. И не велам дека причините се создадоа само во овие 100 дена, туку тлееа, се натрупуваа нерешените проблеми цели 5 години“, вели Мицкоски.
Ако Заев ја доведе Македонија до дното, Ковачевски покажува дека дното можело да биде и подлабоко.
„Овие 100 дена се показател дека народот живее крпен живот. 100 дена на растечка сиромаштија и галопирачка инфлација. 100 дена на покачени сметки и на давачки. На раскрчмување на идентитетот и трговија зад затворени и отворени врати. 100 дена живот во национална катастрофа. Неприфатливо е дозволувањето на оваа Влада да се мешаат соседните држави во нашите внатрешни работи, па сега, кога ќе ги исполниме критериумите за ЕУ, да мора да ги исполниме и критериумите на Петков, кои се за негова домашна употреба“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценува дека зад овие интереси не стојат нашата држава и нејзините институции.
„И ако условот е да се исполнат сите бугарски барања, кои ќе значат исполнување на нивната бугарска декларација, на наша штета, тоа е нешто со што ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи ниту, пак, да се помири. И ако има отворање на Уставот, чин со кој е предвидено дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без претходни писмени гаранции за нашата историја, за нашиот македонски јазик, без вештачки фусноти, за нашата посебност и културна различност“, нагласи тој.
Според Мицкоски, има многумина што прашуваат што правиви опозицијата?
„ВМРО-ДПМНЕ овие 5 години е на самиот браник на државата, со сите бури, ветришта и удари со кои се соочивме. Не е нормално премиерот да нема комуникација со лидерот на најголемата политичка партија. Затоа, денес, јавно и отворено предлагам до Ковачевски заедничка и јавна средба, на која ќе разговараме и ќе договориме датум за одржување предвремени парламентарни избори како природно решение за состојбите во Македонија. На тој состанок имам намера да предложам 4 тима, составени од ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе бидат составени од луѓе со искуство и луѓе што се покажале и докажале во минатото во 4 акутни области, во кои се детектирани клучните проблеми во нашата земја. Четири тима што ќе работат заедно со тимови од власта во меѓупериодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори. Про боно, без никакви права и привилегии. Тука сме да ѝ помогнеме кога на Македонија ѝ е најтешко“, потенцира Мицкоски.
Го советува актуелниот премиер да не брза. „Нека размисли, знам што ќе го советуваат – веднаш треба да одбие, нека не одбива и нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе и очекувам одговор во следниве десет дена, нека биде краен рок 10 мај, вторник. На таа средба да разговараме и за актуелните прашања поврзани со изборите, но и за она другото, кое е важно и што граѓаните го очекуваат од нас. Доколку ја одбие и оваа порака, за средба за излез од националната катастрофа што ја живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следуват сериозни и досега непрактикувани чекори. Доколку биде одбиена средбата, ќе се покаже дека државата има отсуство на какво било лидерство, а народот ќе мора да дојде по своето затоа што сето ова, како што имаше почеток, има и свој крај. И порака до меѓународните пријатели – алармот одамна веќе свети црвено“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 11 часот гласале 10,1 отсто од избирачите, најмногу во Пробиштип, намалку во Сарај
Одѕивот до 11 часот на вториот круг од локалните избори изнесува 10,1 проценти.
Според информациите на Државната изборна комисија, највисока е излезноста во Пробиштип каде гласале 22 проценти од избирачите, а висока излезност има и во Лозово и Крушево, со околу 20 и 19 отсто. Најниска е излезноста во Сарај со 1,86 отсто и Чаир со 2 проценти.
Излезеноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет. Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.
Македонија
„Фероинвест“ донираше медицински мебел произведен во „Брако“ на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија
Компанијата ФЕРОИНВЕСТ реализираше донација на медицински мебел и опрема произведени во фабриката БРАКО од Велес, наменета за Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје.
Донацијата е реализирана по официјално барање на Клиниката, која се обрати со молба за поддршка при обнова на медицинскиот мебел и асортимантот во неколку оддели, со цел подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал и квалитетот на здравствените услуги.
Во рамки на донацијата, ФЕРОИНВЕСТ донираше медицински ормари, отомани, паравани, скали, колички и статични држачи за инфузија, сите дизајнирани и произведени во БРАКО, фабрика која е долгогодишен партнер на здравствените установи во земјата и регионот.
Со оваа донација, одделот на д-р Игор Џиковски при Клиниката доби современо уредени простории, целосно подготвени за започнување со работа и интеграција на новата медицинска опрема.
Со новата опрема, обезбедени се модерни, функционални и безбедни услови за работа, што ќе придонесе за поефикасно лекување и подобра грижа за пациентите.
ПР
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.

