Економија
Ковачевски: По минималната плата, следува раст и на другите плати

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот соопшти дека по минималната плата, следува раст и на другите плати, но најави и зголемување на продуктивноста и ефикасноста во јавниот сектор, што исто како и за минималната плата, ќе се уреди со закон.
„Имаме 18.000 денари минимална плата. Сега се потребни две минимални плати за да се покрие една синдикална кошничка. Двајца ако работат со минимална плата можат да ја покријат синдикалната кошничка, за разлика од тогаш кога можеле да покријат половина кошничка. Во 2016 година учеството на минималната плата во просечната плата било 38 проценти. Просечната плата во тоа време била 22.000 денари. Сега просечната плата е речиси 30.000 денари. Тоа значи дека пораснале сите плати во државата. Во 2021 година минималната плата учествува со 52 процента со просечната плата, а во 2022 година, денес, минималната плата учествува со 62 процента во просечната плата“, посочи премиерот Ковачевски.
Тој рече дека е тоа постигнато низ социјален дијалог, каде што биле присутни сите синдикати, а не само репрезентативните, иако некои од синдикалните лидери на нерепрезентативни синдикати, како што откри, сè правеле да се растури тој состанок.
„Паралелно со тоа, државата обезбеди поддршка за покривање до крајот на годината, на придонесите за зголемување на минималната плата. Важечка е програмата за субвенционирање на порастот на платите во приватниот сектор. Доколку компанија реши да ја качи платата на вработените, тогаш државата учествува со субвенционирање на придонесите. Компаниите се решаваат на тоа, бидејќи можат да ја зголемат продуктивноста и да добијат и поддршка на инвестициите, коишто порано беа само за странските инвестициите“, додаде премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата рече дека со репрезентативниот синдикат веќе е почнат социјален дијалог за усогласување на платите во јавниот сектор, но повика на поголема ефикасност.
„Ние не можеме константно само да ги зголемуваме платите во јавниот сектор, без никакво барање од јавниот сектор, да не се зголемува продуктивноста на јавниот сектор. Приватниот сектор кој ги финансира платите во јавниот сектор бара зголемување на продуктивноста и на ефикасноста на работењето. Ќе се договори сума за зголемување, ќе се договори методологија за зголемување, веќе нема потреби од политички влијанија за зголемување на минималната плата утврдена со закон. Ќе се гледа и сложеноста на работни места, но паралелно мора да тече процесот на ефикасноста, ефективноста и рационализација со цел да се зголеми продуктивноста, што ќе биде пропратено со нов Закон за плати“, дополни премиерот.
Тој посочи и на постоечка неконзистентност на плати, при што членови на управни одбори имаат поголеми плати од претседател на држава, од претседател на врховен суд, а немаат придонес и објасни дека се работи за јавни претпријатија коишто се загубари.
„Во наредните 6 месеци ќе се работи на ваков закон и ја повикувам опозицијата да учествува во работната група, заедно со МТСП“, побара премиерот Ковачевски.
Тој констатираше дека мора да се направи и реорганизација на претпријатијата коишто креираат загуби и дека со сето ова ќе се овозможи функционалност од што ќе бидат сите задоволни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Неколкукратно е зголемена бројката на апликанти за мерката млад земјоделец во вредност од 70 милиони денари

Поради изборните ограничувања, мерката млад земјоделец не можеме да ја промовираме, иако огласот е завршен, филтерот е направен, 117 корисници односно апликанти за околу 70 милиони денари, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски истакна дека за разлика од 2023 година кога имало само 44 апликанти, односно само 18 корисници, истата денеска е зголемена неколкукратно односно на 117 апликанти.
Можеби бројката 117 не значи многу грандиозно, но ако се има предвид дека во 2023 година од 44 апликанти, само 18 имаме корисници, тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Така што веднаш по завршување на локалните избори кога веќе ќе ги немаме оние законски ограничувања, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка за поддршка на младите земјоделци.
Економија
Во јули годишен раст од 13,0 отсто на вкупните депозити и од 13,0 отсто на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 13,0%, којшто во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, извести Народната банка.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 13,0%, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на линкот
Економија
Халкбанк со намалени тарифи, повеќе придобивки за граѓаните и компаниите

Халкбанк АД Скопје донесе одлука за намалување на дел од своите тарифи, во согласност со променетиот тарифен модел на Народната банка на Република Северна Македонија. Со оваа одлука значително се намалуваат надоместоците за услугите за граѓаните и компаниите, при што клиентите ќе добиваат уште поповолни услови за извршување на финансиските трансакции.
И досега, Халкбанк во многу сегменти нудеше атрактивни услови во однос на тарифите. Така, проверката на состојбата на било која картичка на банкомат била и е бесплатна, а сите приматели на плата или пензија преку Халкбанк со својата мастеркард дебит картичка можат да подигнуваат готовина на банкомати на било која банка во Македонија без провизија. Бесплатно е и повлекувањето готовина од платежна сметка во девизи.
Со новите промени, електронските интерни налози за физички лица отсега наместо 5 денари, ќе бидат бесплатни. Истовремено, цената на електронски, брзи меѓубанкарски плаќања (МИПС) за физички лица, се намалува од 100 на 50 денари, а кај хартиените МИПС налози преку шалтер на банката, новата цена е 80 денари по налог, односно, во овој дел извршено е намалување за 60% од досегашната тарифа.
И за правните лица цената кај електронските, интерни налози се намалува од 11 на 7 денари, како и кај електронските МИПС плаќања од 100 на 80 денари, во зависност од износот. Направена е измена и кај хартиените МИПС налози за правни лица, каде новата цена сега изнесува 200 денари т.е. направено е намалување за 33% од досегашната цена за овие трансфери.
Овие промени ќе имаат директна корист за сите клиенти, особено за оние кои активно користат дигитални канали и електронски плаќања.
Истовремено, на сила остануваат сите поволности кои досега Банката ги нудеше на своите клиенти.
Халкбанк на клиентите им нуди и посебни пакети во рамките на кои се добиваат низа поволности и намалени тарифи. За младите до 24 години е наменет HalkEz пакетот со кој се добива бесплатна трансакциска сметка, мобилно банкарство, картичка и други поволности. За пензионерите, освен што се врши редовна и навремена исплата на пензијата, креиран е и специјален Пакет за пензионери кој е со бројни бенефиции – достапни услуги, бесплатни трансакции и поддршка при секојдневните банкарски потреби. А за оние кои ја примаат својата плата или пензија преку Халкбанк, наменет е и Смарт пакетот кој претставува комплетно банкарско решение кое ги обединува најчесто користените услуги во еден економичен месечен пакет. Тука се вклучени водењето на трансакциска сметка, дебитна картичка, мобилното и електронско банкарство, електронските налози, месечните известувања и подигнување готовина од сите банкомати во земјата. А пакетот нуди и подарок ORYХ Home Аssistance – без надоместок во промотивниот.
Дополнително, од 7 октомври Халкбанк ќе започне со извршување на прекугранични трансфери кон СЕПА (Single Euro Payments Area) системот. Во СЕПА регионот, кој опфаќа 41 земја членка и повеќе од 4.000 учесници, на сите клиенти – физички и правни лица – ќе им биде овозможено да извршуваат и примаат плаќања во евра под исти услови и со иста ефикасност како во рамките на националните граници.
Со ваквите чекори, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата стратегија да биде банка која ги поддржува граѓаните и компаниите со поповолни услови, современи дигитални решенија и интегрираност во европските платежни стандарди.
ПР