Македонија
Маричиќ: За време на француското претседателство треба да се направи обид за решение со Бугарија
Заменик-претседателот на Влада задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање на форумот „100 дена Влада“ ги презентираше состојбите и напредокот во процесот на преговори со Република Бугарија за отстранување на ветото, како и за подготвеноста на земјата во евроинтегративниот процес.
„По прв пат во процесот на преговори со Бугарија воспоставивме систем на рационални разговори, разговори коишто се водат на повеќе теми, разговори коишто даваат диверзификација темите на кои разговараме. Процесот престана да биде заробен само од одредени прашања, пред сè поврзани со историјата и тој нов пристап и нова енергија даваат резултати без разлика на сите пречки“, истакна Маричиќ, додавајќи дека Владата се обврза тој дијалог да се води достоинствено и во духот на европските вредности и досега се реализирани конкретни заеднички проекти, има успешна работа во рамки на петте работни групи.
Потенцираше дека оваа година за време на француското претседателство треба да се направи обид за сериозен напредок и решение, бидејќи Франција е една од највлијателните држави во ЕУ, а и претседателот Макрон се залага лично за напредок на евроинтеграциите на Западен Балкан.
„Јас мислам дека траекторијата на движење која ја воспоставивме со новиот пристап со владата на Бугарија е таа единствено што може да н доведе до некаков успех“, рече тој.
Во однос на подготвеноста за евроинтеграцискиот процес, вицепремиерот рече дека Македонија имала периоди и на напредок и на назадување, дека е прва држава која ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години го има статусот на кандидат.
„Последните пет години се период на интензивен напредок во делот на евроинтеграциите и тоа време треба да се верификува. Ако гледаме и по податоците во процесот на Стабилизација и асоцијација, кој трае веќе скоро 20 години и по сите оние напори што ги правиме во редовното известување кон ЕУ, имаме ниво на 45% подготвеност или усогласеност со системот на ЕУ“, истакна Маричиќ.
„Тоа не е малку, и ветува дека кога ќе ги почнеме преговорите тие нема да траат премногу во однос на исполнувањето на условите и усогласување на нашиот систем. Најдобар репер за тоа се извештаите на Европската комисија“, посочи тој, подвлекувајќи дека во последните четири години земјата добива добри извештаи кои ги верификуваат успесите, но ги препознаваат и слабостите, коишто даваат мотив да се продолжи напред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.

