Економија
Министерство за финансии: „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на „ББ+“ со негативен изглед

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на РС Македонија на „ББ+“ со негативен изглед, информираат од Министерството за финансии (МФ).
Од таму објаснуваат дека кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа и е еден од клучните индикатори кои потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.
„Агенцијата нотира добро владеење, како и кредибилна и кохерентна макрофинансиска политика, конзистентна со долгоодржуваниот фиксен девизен курс“, нагласуваат од ресорното министерство.
Воедно, од МФ истакнуваат дека задржувањето на кредитниот рејтинг е особно значајно за државата во услови на глобална криза.
„Агенцијата нотира дека негативниот изглед ги рефлектира ризиците со кои земјата се соочува по пандемскиот шок и ефектите од настаните во Украина.
‘Фич’ во извештајот наведува дека негативните влијанија делумно ќе бидат избалансирани со растот на домашната побарувачка, која е поддржана од владините мерки за раст на платите и јавните инвестиции.
Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 2,8% во 2022 година, како резултат на проблемите во глобалните синџири на дистрибуција, последиците од прекините во снабдувањето со енергија и зависноста од увоз на гас од Русија. Со намалувањето на геополитичките ризици и притисоците на цената на енергијата, како и со постепената фискална консолидација со акцент на јавните инвестиции, се очекува растот на економијата да достигне 3% од БДП во 2023 година“, посочуваат од МФ пренесувајќи го извештајот од „Фич“.
Очекувањата на Агенцијата во врска со буџетскиот дефицит за 2022 година се дека истиот ќе биде повисок од оној во 2021 година, како резултат на владиниот одговор на ценовната и енергетската криза, зголемувањето на минималната плата, повисоките пензиски трошоци и поддршката на одредени клучни сектори во економијата.
Од „Фич“ предвидуваат намалување на буџетскиот дефицит на 4,8% во 2023 година, со повлекувањето на мерките за поддршка, како што се намалување на стапките на ДДВ и поддршката за енергетскиот сектор.
„Според ‘Фич’ силна поддршка за посветеноста на властите кон фискална консолидација, што би довело до намалување на фискалниот дефицит и стабилизација на долгот би била бараната двегодишната линија за претпазливост и ликвидност со ММФ. Агенцијата очекува државниот долг да достигне 55,2% од БДП до крајот на оваа година и 56% од БДП до 2023 година.
Претходно кредитниот рејтинг на РС Македонија го потврди Агенцијата ‘Стандард и Пурс, ‘ББ-‘ со стабилен изглед“, се наведува во соопшението од Министерството за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Стабилната грејна сезона е приоритет, институциите во редовна координација

На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.
Економија
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и на Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Славески – Сецуко: во фокусот унапредување на соработката во областа на дигитализацијата, јакнење на финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија, Кавахара Сецуко.
На средбата беа разменети мислења за актуелните економски движења во светот, предизвиците со кои се соочуваат централните банки при зголемена неизвесност, како и искуствата од спроведувањето на монетарната политика и одржувањето на финансиската стабилност.
Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на соработката меѓу Народната банка и институциите од Јапонија, особено во областа на дигитализацијата во финансискиот сектор, јакнењето на финансиската вклученост и унапредувањето на вештините и капацитетот на човечките ресурси. Во таа смисла, беше истакната подготвеноста за размена на знаења и добри практики, имајќи го предвид јапонското искуство и експертиза во овие области.
Гувернерот Славески и амбасадорката Кавахара Сецуко се согласија дека постои простор за натамошно зближување и институционална соработка, којашто ќе придонесе за унапредување на економските односи меѓу двете земји.