Македонија
Николоски: Владата се покажа како неспособна и треба да ја прифати нашата експертска помош
Во услови кога Македонија е во континуирана политичка криза веќе пет години, во услови кога оваа влада го одржува мнозинството со само еден до два пратеника плус во Собранието, во четвртокот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ излезе со предлог решение за излез од политичката и економска криза, изјави денеска за медиумите, потпретседателот на партијата, Александар Николоски.
„ВМРО-ДПМНЕ понуди четири тима во четирите најгорливи области, а тоа е секако економијата, надворешните работи и евроинтеграциите, поточно односите со Бугарија, здравството и образованието. Овие четири тима со луѓе кои се високо политички профилирани во ВМРО-ДПМНЕ, но и се експерти во своите области се спремни да помогнат на Владата, а со тоа и на граѓаните, а исто така паралелно да се договори соодветен датум за предвремени парламентарни избори“, објасни Николоски.
Тој истакна дека во ВМРО-ДПМНЕ се разочарани што премиерот Димитар Ковачевски на самиот почеток ја одбил ваквата идеја, но додаде и дека понудата за лидердска средба и натаму е отворена.
„Неговата Влада се покажа неспособна, како Влада којашто не знае да решава проблеми, како Влада којашто ја продолжува корупцијата на Зоран Заев и како Влада којашто дополнително економски ја тоне Македонија.
Мислам дека добро треба да размислат, да ја прифатат оваа идеја на ВМРО-ДПМНЕ.
Сè различно од ова значи само голо останување на власт и сè различно од ова значи продолжување на криминалот, затоа што во најава има неколку големи тендери, повторно во четири очи во РЕК Битола, како што се случуваше минатата година“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ според кого јасно е дека излезот од кризата е во предвремени избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

