Македонија
(Видео) Битиќи: Во првите 100 дена на Владата се справивме со предизвиците и го заштитивме стандардот
Сто дена Влада се одлична можност за прва проверка на сработеното и дали патеката по која одиме е планираната и ветената пред граѓаните, изјави на денешната прес-конференција, потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Тој најпрво нагласи дека во првите 100 дена оваа Влада започнала со покачување на минималната и просечната плата.
„Преку социјален дијалог, ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари. 80.000 наши сограѓани кои претходно добиваа по 15.200 денари, денес веќе имаат плата од 18.000 денари. Платите во јавниот сектор ќе го следат покачувањето на минималната плата согласно членот 8 од законот за минимална плата“, истакна Битиќи додавајќи дека отворен е дијалог за коренити промени.
„Ги започнавме преговорите за потпишување на нов Општ колективен договор со кој ќе го утврдиме усогласувањето на платите во јавниот сектор со минималната плата, но истовремено ќе го отвориме прашањето и конечно и дефинитивно ќе воведеме реформи за рационализација и продуктивност на јавниот сектор.
Новата методологија, по која ќе се прават усогласувања два пати годишно во април и во септември, предвидува при усогласувањето предвид да се земаат трошоците за живот со 50% и просечната плата со 50%. Ова е начин како да се обезбеди континуиран раст на пензиите во иднина, без потреба од дополнителна интервенција.
Растот на стандардот на живот, на активните учесници на пазарот на труд (работниците) ќе носи пораст и на пензиите, што ќе значи релаксирани златни години за нашите пензионери“, посочи потпретседателот на СДСМ, додавајќи дека зголемувањето на стандардот на живот на граѓаните е приоритет број еден на Владата.
„За справувања со последиците од економската и енергетската криза, спроведуваме пакет од 26 антикризни мерки, вредни 400 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите“, потсети Битиќи и порача дека Владата предводена од СДСМ ќе продолжи и натаму да се грижи за сите граѓани преку, како што рече, одговорно, солидарно и домаќинско работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се фотографираше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев
Со полагање цвеќе и пригодна комеморација, денес во беровското село Русиново беше одбележана 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Даме Груев, еден од клучните идеолози на борбата за слободна Македонија.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес присуствуваше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев, кој на 23 декември 1906 година загина во борба со османлиските сили на планината Петлец, во близина на Русиново.
Во рамки на настанот, на селските гробишта беше одржана панихида, по што Мицкоски и останатите присутни положија цвеќе пред спомен-обележјето на револуционерот.
Одбележувањето продолжи со традиционален марш кон месноста Петлец, местото каде што Груев го положи својот живот за идејата за слободна и независна Македонија.
Настанот се реализираше во организација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Берово, со присуство на бројни граѓани, партиски претставници и почитувачи на македонската револуционерна историја.
Македонија
Ја претепал вонбрачната партнерка со трпезариска столица, па ја силувал откако тешко ја повредил
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишник осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРСМ, осомничениот, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка.
-Ја удирал по телото, лицето и главата, па дури зел трпезариска столица и ја удрил и со неа. Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди. И наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, но оштетената не се согласила, па насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, стои во соопштението на ЈОРСМ.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Оттаму додаваат дека притоа особено се ценела опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом.
Македонија
Почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас
Денес на 75 години, почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас кај нас.
Откако неодамна Перо Камиказа откри дека тој ја бие животната битка, сега, неговиот син Бане Костиќ, откри дека познатиот новинар и радио-водител, не успеал да се избори со болеста.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст.
Последна почит ќе се одржи утре, недела, 21 декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе“, напиша тој на Фејсбук.

