Економија
Тренчевска: Ветивме зголемување на минималната плата и денес нема пониска од 18.000 денари

За Владата и Министерството за труд и социјална политика, унапредувањето на работничките права остануваат високо на агендата на приоритетни цели, изјави
министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по повод Меѓународниот ден на трудот.
„Ветивме зголемување на минималната плата и денес нема плата пониска од 18.000 денари. Нашата посветеност на работничките права ја потврдуваме со започнатиот социјален дијалог, за изготвување на општ колективен договор, за сите вработени во јавниот сектор. Работиме на решението кое ќе е системско и солидарно за сите. Линеарно покачување од 2806 денари, за сите вработени во јавниот сектор. Во рамката за преговори, за новиот Општ колективен договор, е враќањето на регресот за годишен одмор, за целиот јавен сектор во 2023 година. Како и нова методологија за пресметка на платите, со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои ќе бидат утврдени и која ќе се преслика во гранските колективни договори, што значи постојан раст на платите во јавниот сектор“, нагласи во своето обраќање Тренчевска.
Појасни дека во финална фаза на подготовка е и новиот Закон за работни односи, кој, како што рече до крајот на оваа година се очекува да биде усвоен од страна на Собранието.
„Недела- ден на неделен одмор е наша реалност. Ова законско решение овозможи баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на работникот. За оние работници кои се ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес, не смеат да бидат прекинати, најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Додека пак, за вработените во трговијата двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%“, потенцира министерката.
Додаде дека министерството продолжува да ги вложува сите свои капацитети во насока на обезбедување поголеми права, безбедни работни места и достојни услови за работа на секој работник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Стабилната грејна сезона е приоритет, институциите во редовна координација

На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.
Економија
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и на Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Славески – Сецуко: во фокусот унапредување на соработката во областа на дигитализацијата, јакнење на финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија, Кавахара Сецуко.
На средбата беа разменети мислења за актуелните економски движења во светот, предизвиците со кои се соочуваат централните банки при зголемена неизвесност, како и искуствата од спроведувањето на монетарната политика и одржувањето на финансиската стабилност.
Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на соработката меѓу Народната банка и институциите од Јапонија, особено во областа на дигитализацијата во финансискиот сектор, јакнењето на финансиската вклученост и унапредувањето на вештините и капацитетот на човечките ресурси. Во таа смисла, беше истакната подготвеноста за размена на знаења и добри практики, имајќи го предвид јапонското искуство и експертиза во овие области.
Гувернерот Славески и амбасадорката Кавахара Сецуко се согласија дека постои простор за натамошно зближување и институционална соработка, којашто ќе придонесе за унапредување на економските односи меѓу двете земји.