Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Липково чекаше фабрика, а доби споменик
Добро е ДУИ да каже дали овој нејзин проект е од зелената агенда, или пак од онаа стандардната, кога треба да се краде, да се дефокусира вниманието со политички теми за ширење на национализам, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ за спомен кулата во чест на ОНА што денеска беше откриена во Липково.
„Добро би било да го објасни Ахмети бенефитот за граѓаните на Липково од споменикот, со оглед на тоа што тамошните жители се иселија во отсуство и бесконечно чекање на инвестиции.
Липково чекаше фабрика, а доби уште едно замајување, споменик и лага на ДУИ.
Секако ваквите теми и потези предизвикуваат фрустрација на останатите граѓани, и во таков еден случај кога ќе има други чекори, кога некое друго спомен обележје ќе изникне, ДУИ и СДСМ не треба да глумат изненадена страна.
Жално е што Ковачевски и СДСМ останаа неми за активностите на нивниот коалициски партнер.
СДСМ и Димитар Ковачевски како по обичај кога се случуваат вакви нешта се прават недоветни, на тој начин со нечинење придонесувајќи натамошно да се разградат кревките мостови на соживот во земјата“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

