Регион
Опасни закани од Сарево: Изетбеговиќ повикува на војна, ЕУ и НАТО молчат

Бакир Изетбеговиќ, лидерот на СДА и заменик-претседател на Домот на народите на Парламентот на БиХ, отворено повика на рушење на Дејтон, нова војна и укинување на Република Српска, пренесува „Србија денес“.
Изетбеговиќ, како што пренесува медиумот, изјавил дека во БиХ живеат 60 проценти од Бошњаците, кои имаат право да управуваат со својата земја и кои не можат да бидат „сведени на третина од владата“.
Според анализата во објавениот напис, Бакир на тој начин директно повикал на рушење на Дејтонскиот договор и нови крвави конфликти. „Но, никој од претставниците на ЕУ и НАТО не реагираше на овие сериозни закани! Сите тие молчат, сите што воведоа санкции за Милорад Додик и го зголемија военото присуство во БиХ поради „опасната реторика“ на раководството на Република Српска, а таа „реторика“ е заложба за зачувување на Дејтон“, пишува медиумот.
Изетбеговиќ, стои во анализата, ја испратил последната закана до Србите, но и до Хрватите во БиХ, коментирајќи ги преговорите за промена на Изборниот закон.
„Партијата на Милорад Додик и Хрватска демократска заедница немаат право да сведат 60 отсто од пробосанските сили на една третина од власта! Ќе има избори и ќе победат силите кои сакаат добро и мир во оваа држава. Ги повикувам нашите соседи да бидат заедно со нас во изградбата на земја од која нема да мора да си заминат младите“, било наведено во изјавата на Изетбеговиќ, цитира медиумот, со што, како што е истакнато во новинарскиот извештај, јасно се алудирало на тоа дека повеќе не го прифаќа Дејтонскиот договор, според кој БиХ е федерација на два ентитета и три конститутивни народи, во кои е забранет реизбор на кој било народ.
Сепак, се констатира во текстот, сите на Запад молчат за оваа директна закана од војна и повикот за соборување на Дејтонскиот ред во БиХ. Никој нема збор да каже против Изетбеговиќ, а српскиот лидер Милорад Додик се најде на црната листа и на САД и на Британија и тоа само затоа што инсистира на правата на Република Српска, правата што ги гарантира Дејтон, пренесува медиумот во соседството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик се огласи по пресудата

Милорад Додик, по пресудата, со која беше прогласен за виновен, изјави дека нема причина за загриженост.
„Мора да бидеме весели. Една година сум осуден на нивните с****, на нивниот затвор. Тие велат дека сум виновен, а сега луѓето тука ќе објаснуваат зошто не сум виновен“, рече Додик пред Народното собрание во Бања Лука.
„Значи, нема причина за грижа, научив да се справувам со потешки работи, па ќе го надминеме и ова. Важно ми е да сте тука и да ме поддржувате“, рече Додик.
Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС.
Регион
Додик осуден на една година затвор

Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење службена или политичка функција.
Станува збор за првостепена пресуда, која засега не е правосилна, а таква ќе стане кога и одбраната и Обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година.
Ако правосилната пресуда е иста како првостепената, тоа значи дека Додик нема да може да извршува никаква официјална или политичка функција во наредните шест години.
Кога станува збор за директорот на „Службен весник на Република Српска“, Милош Лукиќ, тој беше ослободен од сите обвиненија.
Во 2023 година Националното собрание на РС усвои закон според кој одлуките на високиот претставник во БиХ,нема да се објавуваат во „Службен весник на РС“, ниту ќе се спроведуваат во тој ентитет. Набргу потоа, високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, го поништи законот, но Милорад Додик потпиша указ за прогласување на законот.
Во меѓувреме, високиот претставник го измени и Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот во спроведувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело. Обвинителството поднесе обвинение против Додик и директорот на „Службен весник на Република Српска“, Милош Лукиќ.
Регион
Брнабиќ: Се надевам на враќање на наставата, високообразовниот систем е во ризик

Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека со донесувањето на законот за високото образование ќе се исполни четвртото барање на студентите во блокадата и изрази надеж дека факултетите ќе се вратат на наставата.
Како што наведе таа, блокадите го загрозуваат постоењето на високообразовниот систем.
Брнабиќ рече дека треба да се земат предвид 230.000 семејства во Србија кои имаат студенти и додаде дека се надева оти ќе има доволно одговорни декани и дека студентите во блокадата ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата и дека нивните одлуки може да ги загрозат животните шанси на некои од нивните колеги.
„Да не се залажуваме повеќе, ќе го доведеме во опасност целиот систем на државни универзитети во Србија, ќе го загрозиме постоењето на нашиот државен високообразовен систем“, изјави Брнабиќ.
Таа изјави дека по две дополнителни спецификации од студентите во блокадата, ќе се донесе законот за високо образование, со што ќе се исполни четвртото барање на студентите во блокадата, кое се однесува на зголемување на буџетските издвојувања за факултетите.
Српската влада во вторникот го усвои предлогот за измени на Законот за високото образование и го испрати до парламентот, а Брнабиќ потоа на прес-конференција најави дека седницата за разгледување на законот ќе почне на 4 март.