Македонија
Теута Арифи не била предлог за амбасадор во Анкара, тврди Османи
Со барање медиумите да бидат внимателни кога објавуваат вести, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја убедуваше јавноста дека ексградоначалничката на Тетово Теута Ариф, никогаш не била предлог за амбасадор. По низата критики на сметка на Арифи и МНР, Османи рече дека граѓаните биле жртва на лажни вести и достоинството на ексградоначалничката.
„Никогаш немало предлог за Теута Арифи да биде амбасадор во Анкара. Вчера беа објавувани информации без да се бара став од МНР. Немало размислување, предлог, ниту одбивање. Ниту предлог во Вашингтон. Немало формализиран предлог за во Брисел, имало само размислувања. Три дена се споменува име, места, дека се одбиени агремани, и покрај тоа што пуштивме соопштение, за второто не бев прашан, така што, да внимаваме, во однос на споменување на имиња. Јас не можам да коментирам имиња, но бидејќи беше спомената Арифи, да кажам дека немало таков предлог“, рече Османи.
Тој посочи дека кога влегле во политиката, како политичари, биле свесни дека ќе бидат жртви на лажни вести.
„Ве замолувам да внимаваме, затоа сум толку транспарентен, ние работиме со луѓе. Важно е кога луѓето ги ставаме на тапет без проверени информации“, кажа Османи.
МНР досега секогаш се повикувало дека предлозите за амбасадори и конзули се тајни и не можат јавно да се презентираат додека не бидат официјални. Бидејќи предлозите се верифицираат на затворени седници на Влада, јавноста никогаш нема увид кој се испраќа да ја претставува Македонија, а кој не е прифатен од земјата каде бил пратен да извршува функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

