Култура
Почнува јубилејното 50. издание на Мајските оперски вечери

Традиционално, со звуците на „Триумфалниот марш“ од „Аида“ и палење на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет, вечерва, со почеток во 19.30 часот, ќе бидат отворени јубилејните 50. Мајски оперски вечери. Оваа година фестивалскиот оган ќе го запали нашата оперска примадона Милка Ефтимова.
Меѓународниот фестивал на оперската уметност Мајски оперски вечери ќе трае до 31 мај. На јубилејното 50. издание на овој реномиран фестивал ќе се изведат некои од најубавите оперски претстави, како и две балетски претстави, со настап на реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти. Во рамките на фестивалот ќе биде промовирана монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски.
Оваа година 50. Мајски оперски вечери свечено ќе се отворат со премиерата на една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература, операта „Норма“ од Винченцо Белини, на 9 мај, во 20 часот, под диригентската палка на гостинот од Италија, Енрико Довико, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценограф и костимограф: Флавио Арбети (Италија), коавтор на костимите: Марија Пупучевска, концерт-мајстор: Верица Ламбевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова, во улогата на Полионе: Ѓорѓи Цуцковски, Адалџиза: Сандра Митровска, Оровезо: Иван Томашев (Србија), Клотилде: Марика Поповиќ Флавио: Дејан Стоев, Деца: Василиј и Стефан Дашиќ. Хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Втората изведба на операта „Норма“ ќе биде на 11 мај, во 20 ч.
На 14 мај ќе се изведе балетот во 9 слики „Госпоѓиците од Авињон“, по музика на Калиопи Букле, кореографија и режија на Олга Панго, либрето и драматургија Сашо Димоски. (Оф програма)
На 18 мај ќе се изведе „Лучија од Ламермур“ на големиот италијански композитор Гаетано Доницети.
На 21 мај ќе се изведе еден од бисерите на балетската уметност, романтичниот балет во два чина „Жизел“ од Адолф Адам .
На 26 мај ќе се изведе операта „Турандот“ од Џакомо Пучини.
Традиционално, на 31 мај, ќе се затворат 50. Мајски оперски вечери со величествената „Аида“ од Џузепе Верди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Инвестиции за заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, најавија надлежните

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со стручниот тим од Заводот и Музеј – Струмица, денеска реализира работна посета на општините Дојран и Гевгелија, со цел увид во тековните и во планираните проекти од областа на културата и културното наследство.
Во Стар Дојран беше извршен увид во црквата „Св. Илија“, значаен објект од 19 век, со висока историска, архитектонска и духовна вредност. Министерството најавува продолжување на активностите за конзервација и реставрација на овој објект, кој претставува симбол на духовното и на културното наследство на регионот.
Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на музеј на вода преку реконструкција на праисториска наколна населба на Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, а основниот проект за изградба на музејот се очекува да почне во 2026 година. Идејниот проект е изработен од Заводот и Музеј – Струмица.
Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како жив музеј на отворено, со висока едукативна и туристичка вредност. Со ваквиот пристап Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион, најавија од Министерството.
Во рамките на посетата на Гевгелија беше извршен увид во реализацијата на проектот за целосна реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од XIX век. Вредноста на инвестицијата изнесува над 40 милиони денари, а проектот опфаќа: реставрација на фасадите на старите дуќани, поплочување со гранит, поставување нова урбана опрема и осветление, целосна реконструкција на подземната инфраструктура.
Со завршувањето на проектот Чаршијата ќе ја задржи својата автентичност, а истовремено ќе се трансформира во современо културно-туристичко јадро, привлечно и за жителите и за посетителите.
Вечерва, во рамките на посетата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе присуствува на фестивалот „Вкуси го југот“.
Како носител на титулата град на културата, Гевгелија се етаблира како центар на културни настани, фестивали и манифестации, кои значајно придонесуваат за развојот на локалната економија, туризмот и културниот живот во регионот.
Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”