Македонија
Избори ќе има во 2024 година, мнозинството е стабилно, велат од СДСМ

СДСМ останува на ставот дека парламентарното мнозинство е стабилно и изборите ќе се одржат во 2024 година, и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ најави блокада на Собранието инсистирајќи на лидерска средба и нов датум за избори.
Портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски, одговарајќи на новинарски прашања изјави дека додека власта носи реформски и важни закони, ВМРО-ДПМНЕ е страната на опструкциите и блокадите и сака да добие некакви политички поени.
„Коалицијата е стабилна, парламентарното мнозинство е стабилно и како резултат на сето тоа наредните парламентарни избори ќе бидат 2024 година и ќе бидат редовни“, рече Каевски.
Според него, среде најголема енергетска и економска криза во Европа по Втората светска војна, кога Собранието треба да носи ефикасни решенија за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ најавува нови блокади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.