Македонија
„Никоб лаб“ од денес со прилагодено работно време

„Никоб лаб“ од денес го прилагодува работното време во согласност со актуелната состојба, така што на дисталните пунктови наместо двосменско работно време се воведува едносменско работно време и работното време ќе трае од понеделник до петок од 8 часот до 15 часот, во сабота од 8 до 14 часот, а недела е неработен ден.
На пунктот во базата во Кисела Вода заради динамиката, работното време останува од понеделник до недела од 8 часот до 22 часот и наместо досегашните 8 шалтери, активни ќе бидат 2 шалтери за тестирање, без закажување.
„Со прилагоденото работно време остануваме брзи, квалитетни со најприфатливи цени, димензионирајќи ги услугите според актуелните случувања и потребите на граѓаните и заедниците со најдостапна услуга и најраспространета мрежа во државата“, велат од „Никоб лаб“.
Прилагодувањето на работното време е во согласност со новите препораки на Комисијата за заразни болести кои предвидуваат значително олабавување на мерките поврзани со пандемијата од Ковид-19 согласно актуелната епидемиолошка состојба во државата и олеснувањето на мерките за патување во државите во соседството.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.