Македонија
(Видео) Одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција
Со пригодна свеченост во Делчево, во присуство на државниот врв, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, раководството на Министерството за внатрешни работи и гости, се одржа Централната прослава за одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето поздравно обраќање пред присутните честитајќи го празникот на полицијата истакна дека да се биде полицаец, припадник на Министерството за внатрешни работи е голема чест и огромна одговорност, но и дека доаѓаат времиња во кои просто се очекува од секој припадник на полицијата таа чест и одговорност да ја покажат и докажат повеќе од било кога.
„Ние денес живееме токму во такво време, време кое што од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин. Тргнувајќи од фундаменталната премиса на секое демократско општество – дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, независно на нивните лични определби, размислувања, ставови, ние воспоставивме нови и модерни стандарди кои што целосно ќе ја реализираат клучната позиција на институцијата, а тоа е полиција – сервис на граѓаните на Република Северна Македонија“, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека следејќи го доследно пулсот на времето, на регионалните и глобалните политички и безбедносни трендови, но и потребите и очекувањата на граѓаните, од сегашна преспектива можеме слободно да заклучиме дека Министерството за внатрешни работи, сите негови организациони единици во доменот на своето работење веќе се етаблираат не само како сервис и партнер на граѓаните, туку и како респектабилен партнер на надворешен план, активно ангажирани во мноштво регионални и други меѓународни иницијативи, асоцијации и проекти во речиси сите области од безбедносната сфера.
Во духот на вчерашната промоција на монографијата „МВР за граѓаните“ Спасовски истакна: „ Навистина сум горд на тимот кој изминатите години работеше со мене, со кој успеавме да создадеме многу мостови, дел од нив сосема нови, да воспоставиме билатерални оперативни контакти со голем број на земји, гости на МВР да бидат голем број министри и европски високи претставници, храбро да ги реализираме реформите и промените во МВР за да бидеме дел од единствената европска политика. Многу мои соработници од тој успешен тим заминуваат или се подготвуваат да заминат во пензија. Дозволете ми да им заблагодарам на сите, за искрената, чесна и посветена работа и да изразам уверување дека така и ќе продолжиме – подмладени и во нови успеси!“
Првиот човек на македонската полиција истакна дека благодарение на соработка меѓу законодавната и извршната власт беше спроведена и реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем, со која УБК излезе од органите во состав на МВР и беше формирана посебната институција АНБ.
За тековните и престојните предизвици Спасовски рече дека за многу кусо време, постигнавме значителен напредок, и сето тоа, благодарение на сите општествени чинители. „Резултатите покажуваат дека нашите напори во сите сфери, вклучително и во зајакнатата борба против организираниот криминал, корупцијата, безбедносните реформи, се евидентни. И среќен сум што стратешката определба на земјата за членство во Европската Унија е приоритет број еден – и тука нема компромиси! Би сакал да верувам дека час поскоро и ние ќе бидеме приоритет за европското семејство, бидејќи Европа ни го должи тоа! Ние, пак, тоа им го должиме на идните поколенија, но и на нашите предци. На херојот чие име го носи градот-домаќин на денешната свеченост, Гоце Делчев, симболот на македонскиот непокор, по убедување социјалдемократ, по дела револуционер и визионер, како и на неговите соборци. Но, и на учесниците во НОБ, на нашите борци благодарение на кои нашата земја даде огромен придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна и го дочекавме сопственото ослободување!“, истакна министерот за внатрешни работи Спасовски.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во своето обраќање, рече: Апелирам до сите Вас, во име на нашите граѓани – бидете првата врата на која што ќе тропнат, првиот број на кој што ќе се јават секогаш кога ќе се чувствуваат беспомошни, обесправени, загрозени или пак заплашени по својот сопствен живот, животот на најмилите, по својот имот и сопственост. Да тропнат, затоа што Ви веруваат, затоа што сте дел од нив и затоа што се безбедни се додека Вие сте тука до нив. Важно е да ја стекнете и одржите високо довербата на граѓаните, важно е да бидете пример за тоа што значи професионален полициски службеник во служба на граѓаните. Длабоко сум убеден дека взаемната доверба, соработката и застанувањето секогаш на вистинската, праведната страна на законот ќе придонесе да имаме побезбедни улици, подемократски и поправедни институции кои по ништо нема да заостануваат зад високо стандардните европски и светски полициски сили. Добро е што постоите, добро е што сте чувари на мирниот сон на нашите деца, внуци и браник пред криминалот, тероризмот и секакво друго современо зло кое демне врз нашиот демократски поредок и лична и колективна безбедност.
На свеченоста беа доделени и плакети за успешно реализирани оперативни акции во МВР, а специјалнa плакетa за посветеност и соработка со МВР во реализирање на целите од заеднички интерес за граѓаните доби претседателот на Собранието, Талат Џафери, додека на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од страна на претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Д -р. Марјан Кицев, му беше врачена плакета за личен придонес во унапредувањето
на условите за работа на полицијата и промоција на професионализамот во МВР.
Денеска, во рамки на одбележувањето на Денот на полицијата – 7 Мај, делегации од Министерството за внатрешни работи положија свежо цвеќе на спомен обележјата на загинатите и починатите припадници на Министерството за внатрешни работи во кругот на МВР: на споменикот пред зградата на граничната полиција, во полицискиот центар “Ѓорче Петров”, во паркот „Жена“, во базата „Брест“ и во касарната „Илинден“.
Свежо цвеќе на споменикот во кругот на МВР беше положено од страна на министерот за внатрешни работи г.Оливер Спасовски, државната секретарка при Министерството за внатрешни работи м-р Магдалена Несторовска , директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Сашо Тасевски и заменик директорот на БЈБ Ариф Асани. Цвеќе положија и претставниците на Здружението на бранителите и семејствата на загинатите припадници на МВР, како и претставниците на Македонскиот полициски синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

