Македонија
(Видео) Воздухопловно шоу на спортскиот аеродром „Стенковец“

На спортскиот аеродром Стенковец, денеска беа изложени 45 најразлични воздухоплови, авиони и хеликоптери кои учествуваат во вежбата „Брз одговор 22“. Вежбата се изведува на полгонот Криволак и во неа учествуваат 4.600 војници од осум држави. На настанот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски и амбасадорките на САД и на Обединетото Кралство, Кејт Брнз и Рејчел Галовеј.
Ковачевски во изјава порача дека изложбата на хеликоптери вклучени во рамките на вежбата и прелетот на авиони изгледа импресивно, и им честиташе на министерката Петровска и амбасадорките Брнз и Галовеј за одличната организација. За вежбата „Swift Response“ порача дека е голема и сложена, а самиот факт дека Северна Македонија е нејзин домаќин покажува дека нашите армиски капацитети се подготвени и способни како и сите наши сојузнички армии.
„Вежбата, во целост ги демонстрира капацитетите и тренинг центарот Криволак. Подеднакво важно, оваа вежба ги покажува соработката и духот на единството во Алијансата, бидејќи во неа заедно соработуваат и се надградуваат македонските, но и американските, британските, француските, италијанските, црногорските, грчките и албанските армиски припадници“, рече Ковачевски.
Министерката Петровска им се заблагодари на граѓаните што присуствуваа на „Стенковец“ во огромен број и додаде дека денешниот отворен ден покажува силно единство и испраќа порака на заедништво помеѓу сојузниците.
„Оваа вежба демонстрира единство помеѓу сите НАТО сојузници и испраќа многу силна порака, а тоа е дека кога сте во НАТО, не сте сами, односно сите сме заедно. Истовремено, оваа вежба и она што денеска го видовте, односно перформансот на воздухопловите покажа одлична соработка помеѓу воздухопловните власти во нашата држава и воздухопловните власти во Република Грција, кои што практично се дел од “air policing” мисијата за обезбедување на воздушниот простор на нашата држава“, рече министерката Петровска.
Амбасадорката на САД, Брнз изрази задоволство од прикажаното и порача дека вежбата „Swift Response“ е дел од заложбата за обезбедување на мирна и сигурна иднина за цела Европа. Додаде дека иако Северна Македонија само пред две години се приклучи на НАТО, земјата ги стави на располагање своите ресурси за да и помогне на Алијансата да биде подготвена и ефикасна одбранбена организација.
Британската амбасадорка во Северна Македонија, Галовеј истакна дека тоа што можеше да се види на отворениот ден е приказ на способностите на НАТО и начинот на кој што сојузниците заедно функционираат и денеска и во иднина.
На Стенковец можеа одблиску да се видат хеликоптерите AH-64 Apache, UH-60 Black Hawk, CH-47 Chinook, HH-60, Mi-17, Bell, авионите Zlin, а прелети над спортскиот аеродром направија авионите A-10 Thunderbolt II и ловците F-16.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Докторот снимен додека „меша бело“ доби поддршка од колегите не Клиниката за неврологија

Колегите од Клиниката за неврологија преку писмо изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој, како што велат се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина. Кузмановски беше снимен како меша бела прашката материја, за која вели дека е „бело“ што асоцира на дрога.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски, кој во текот на своето долгогодишно раководење со клиниката, од 2012 -2017, комплетно ја реновираше клиниката, воведе поеќе дијагностички методи и иновативни тераписки процедури. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди.
Дури и во ситуации кога се појавуваат сомнежи или јавни дискусии за постапки кои би можеле да се толкуваат како спротивни на моралните и етички принципи на докторската професија, неговото професионално функционирање останува непоколебливо, водено од интегритет и грижа за пациентите.
Во духот на медицинската етика и човековото достоинство, сметаме дека секој поединец, особено во моменти на јавна изложеност и лична ранливост, заслужува поддршка, разбирање и соодветна психосоцијална помош. Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција.
Со ова писмо апелираме за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина, стои во писмото со поддршка за проф. д-р Кузмановски од колегите од Клиника за неврологија.
Македонија
141 болни и немоќни лица ќе гласаат на 18 октомври

Општинската изборна комисија во Битола претпладнево на седница утврди 141 болни и немоќни лица кои ќе гласаат на 18 октомври.
Претседателот на ОИК Битола Талевски истакна дека пријавувањето на лицата заврши синоќа, а ОИК Битола претпладнево ги потврди домашните адреси на сите болни и немоќни лица.
-Во законски определениот рок до ОИК Битола пристигнаа 151 апликација за гласање ден порано, односно на 18 октомври. Ние, членовите на ОИК Битола ги разгледавме сите барања и утврдивме дека право на глас во домашни услови имаат 141 болно и немоќно лице. За сите нив ќе ги обезбедиме законските услови за непречено гласање, изјави Талевски.
Од ОИК Битола информираа дека в сабота на 18 октомври ќе биде организирано гласање во старските домови и затворот во Битола.
-Новина оваа година е што освен во старски дом „Сју Рајдер“ ќе се гласа и во старски дом „Софија“. Во старскиот дом „Сју Рајдер“ право на глас имаат 60 стари лица, додека во старскиот дом „Софија“ ќе гласаат 37 лица. Според вообичаената пракса, в сабота на 18 октомври ќе се гласа и во битолскиот Затвор, посочи Талевски.
Како што е познато на овие локални избори во Битола конкурираат 8 кандидати за градоначалник и 16 листи со кандидати за членови на Советот на Општина Битола.
Македонија
Лабудовиќ: Денес не зборуваме за политика, туку за човечност

Во рамки на активностите по повод октомври – месец на свесност за ракот на дојка, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, присуствуваше на настан во Градскиот парк, посветен на поддршка на жените кои ја водат својата најважна битка – битката за животот, стои во соопштението од ЗНАМ.
„Денес не зборуваме за политика, туку за човечност. Денес сум тука како син, сопруг, татко и пријател. Како човек кој верува дека здравјето е највисока вредност,“ изјави Лабудовиќ.
Тој ја истакна важноста на превенцијата и свесноста, најавувајќи конкретна мерка – доделување бесплатни ехо-прегледи на гради за жените во Општина Центар.
„Секој преглед може да значи спасен живот. Ова не е само гест – ова е порака: погрижете се за себе, животот е вреден,“ додаде тој.
Во своето обраќање, Лабудовиќ најави и нов концепт што ќе биде спроведен по неговата победа – „Центар – Здравствен хаб“, прв ваков модел во Македонија, наменет за граѓаните на Центар.
Овој хаб ќе биде модерен, достапен и пријателски простор за сите жители, со бесплатни услуги за проверка на здравствени параметри, совети од стручни лица, едукации за здрава исхрана, физичка активност, ментално здравје и родителство. Покрај тоа, ќе бидат поставени дигитални здравствени станици на неколку локации низ општината, каде граѓаните ќе можат самостојно да ги проверуваат притисокот, шеќерот, пулсот и другите вредности.
„Како иден градоначалник, мојата најголема обврска нема да биде само да градиме улици и паркови, туку да создадеме општина што се грижи за луѓето. Здрава заедница е темел на среќно општество,“ потенцираше Лабудовиќ.
Целта на проектот „Центар – Здравствен хаб“ е да ја врати грижата блиску до граѓаните, без чекање и бирократија, преку волонтерски ангажман на лекари, нутриционисти, психолози и физиотерапевти.
„Кога е здрава жената – здраво е семејството. Кога сите сме здрави – Центар живее и дише спокојно. Општината мора да биде партнер во здравјето на своите граѓани,“ заврши Лабудовиќ.