Македонија
(Видео) Ковачевски: На 9 мај гордо ги славиме победата над фашизмот и големата идеја за Европа
Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, што се одржа во дворот на Владата.
Пригодната свеченост по повод 9 Мај почна со положување венци пред споменикот „Ослободители“ на Скопје.
„Денеска, одбележуваме и славиме голем ден – 9 Мај како Ден на победата над фашизмот и како Ден на Европа. 9 мај е еден датум за два големи настана во историјата на Европа и на нашата земја. Денешниот ден е запишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците“, посочи Ковачевски.
Како што рече премиерот, ова е ден кога ги чествуваме и се поклонуваме пред големото дело на припадниците на партизанските единици од Народноослободителната војна, кои со двете заседанија на АСНОМ ги заокружиле вековната борба и стремежот на македонскиот народ за своја самостојна држава.
„Нашите сограѓани од тоа време, припадници на сите етнички заедници, ги дадоа своите животи затоа што избраа да застанат на страната на сојузничките, антифашистички сили, кои решија да се обединат и да им застанат на патот на фашистичките окупатори.
Од денешен аспект од огромно историско значење е што создавањето на македонската држава се оствари и преку учеството на партизанските единици на страната на антифашистичкиот сојуз. Тоа учество беше и останува вистинската страна на историјата и единствениот и вистински избор“, нагласи Ковачевски додавајќи дека Втората светска војна на територијата на Македонија завршила со приближно 25.000 загинати борци и други жртви.

Премиерот додаде дека изборот на македонскиот народ, заедно со сите други народи, бил македонската држава да биде создадена како дом на слободата.
„Затоа денеска имаме силни, големи причини, да славиме и да бидеме дел од прославите во Европа.
Да ја славиме победата над фашизмот и да ја славиме големата идеја за Европа“, посочи Ковачевски.
Тој нагласи дека денеска се одбележуваат и 72 години од денот кога на 9 мај 1950 година францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повикал да почне изградбата на нова Европа.
„Чувствувајќи одговорност за важноста каква иднина ќе им обезбедат на своите граѓани, европските земји што го прифатија овој повик прифатија и дека споделуваат заедничка историја и влегоа во решавање на разликите меѓу себе.
Седум години подоцна шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со договорот од Рим и го почнаа процесот на европската интеграција, кој ќе биде крунисан со она што денеска претставува ЕУ.
Ние, граѓаните на Република Северна Македонија, ги избравме Европа и Европската Унија зашто се изградени на вредностите во кои веруваме и ги практикуваме и ние.
Оттаму, кога велиме дека ЕУ е избор на граѓаните на Северна Македонија, велиме и дека тоа е избор за економски посилна Европа. Избор за поправедна и побезбедна Европа, која ни припаѓа нам, на сите нас.
Затоа се гордееме и на овој избор. Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија – иднина што му припаѓа на секој европски граѓанин“, истакна премиерот.
На свеченоста пред Владата свои обраќања имаа и претседателот на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, Никола Стојановски, амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

