Македонија
Маричиќ во Париз: Ако ЕУ не одговори на нашиот повик, полза ќе имаат оние што го негуваат рускиот наратив

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес учествува на регионалниот настан во рамките на иницијативата „Балкански дијалози“ во организација на францускиот Сенат, на која потенцира дека сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите што се темел на Унијата.
„Војната во Украина е последен повик за Европската Унија и нејзината политика за проширување со земјите од регионот, а за тоа е потребно силно лидерство и политичка одлука, која нема да се бирократизира“, рече вицепремиерот на регионалната иницијатива, чиj домаќин е францускиот Сенат.
Маричиќ пред присутните истакна дека оваа година е клучна за дефинирањето на политиката за проширување, од која регионот очекува придвижување на процесот на евроинтеграции и потврдување на неговата европска иднина.
„Ако Унијата не одговори на овој повик и Северна Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава на страна, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија“, посочи вицепремиерот.
Според него, тоа не е во интерес на проевропските влади, туку е во полза на оние што, како што рече, го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна и истакна дека одолжувањето на одлуките не дале ништо позитивно.
„Верувам дека Европа ќе ја покаже својата најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен“, истакна вицепремиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.
Македонија
Toшковски: Во тек се подготовки за мирни локални избори

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Одделението за внатрешни работи Струга и Полициската станица за гранични проверки Ќафасан. Од страна на раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга министерот беше информиран за безбедносната состојба во регионот, со забележителни резултати во справувањето со насилниот криминал и видлив напредок во подобрувањето на сообраќајната безбедност – област во која и понатаму ќе се вложуваат дополнителни напори.
„Во пресрет на претстојните локални избори, веќе се преземаат соодветни оперативни активности насочени кон обезбедување мирен и безбеден изборен процес. Што се однесува до граничниот премин Ќафасан, во текот на оваа летна сезона е евидентирано зголемување на бројот на патници кои ја поминале границата во споредба со истиот период минатата година. Во таа насока, заедно со албанските колеги работиме на имплементација на системот „One Stop“, кој во комбинација со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи да имаме трајно решение за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници и возила за време на туристичката сезона.“, подвлече министерот Тошковски.
Македонија
Собранието ја усвои Декларацијата за фер, слободни и демократски избори

Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.