Македонија
Осудени за „Диво Насеље“ веќе една недела штрајкуваат со глад
Од девет лица, петмина осудени за настаните во Диво Насеље, Куманово, штрајкуваат една недела со глад и одбиваат да излегуваат на прошетка во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Бараат погодности, како викенди, со работен ангажман и интимни соби за средби со семејство, односно сопругите. Ова би значело дека тие треба да бидат преместени во друга казнено-поправна установа бидејќи затворот во Шуто Оризари е истражен затвор со поинаков куќен ред. За ова е информиран и министерот за правда, Никола Тупанчески, кој рече дека директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, веќе разговарал со осудениците и се пред договор.
„Информиран сум од директорот дека има и официјално доставено допис дека некои од осудените лица штрајкуваат со глад. Споменавте за настаните во Диво Насеље во Куманово. Во позитивна насока се движат работите. Тоа значи да ги добијат сите привилегии во согласност со законот. Доколку се утврди дека не ги добиваат своите права и погодности, ќе се реагира според законот. Секое лице е приказна за себе“, рече Тупанчески.
Тој додаде дека директорот Спасовски постигнал и договор да се прекине штрајкот со глад.
За осудените во настаните од Диво Насеље има и барање за екстрадиција од косовските власти.
„Нема одлука во таа насока. Се работи за процес или за правна ситуација, каде што треба да бидат анализирани повеќе фактори за Министерството за правда да ја донесе правилната одлука“, рече Тупанчески.
Вооружената престрелка во Куманово се случи во мај 2015 година. Осудените се косовски државјани. Убиени беа седуммина полицајци. Првостепената пресуда Основниот кривичен суд ја донесе на 2 ноември 2017 година, а беше потврдена во јули 2019 и од Апелацискиот суд. 33 лица беа прогласени за виновни, од кои седуммина добија доживотен затвор; 13 беа осудени по 40 години затвор; шестмина по 20 години, а другите добија од 12 до 18 години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

